Стратегиско значење на земјите од бившиот советски блок

Фељтонот „Војната во Украина како предуслов за нов светски поредок и реперкусиите врз Западен Балкан“ од д-р Маја Мишковска дава еден сопствен поглед на случувањата во Украина и нивниот одраз врз светската политичка сцена, со посебен акцент на Западен Балкан. Преку опсежна анализа на украинско-руските односи, па преку одразот врз нивните сојузници, авторката на фељтонот презентира и некои помалку познати ликови и настани од минатото, со што ја дополнува сликата на она што се случува денес во Украина, за на крајот да го насочи фокусот кон Балканскиот Регион, кој не е поштеден од последиците на актуелниот конфликт на истокот од континентот

ВОЈНАТА ВО УКРАИНА КАКО ПРЕДУСЛОВ ЗА НОВ СВЕТСКИ ПОРЕДОК И РЕПЕРКУСИИТЕ ВРЗ ЗАПАДЕН БАЛКАН (5)

Во сферата на влијание на Москва е и Грузија. Во август 2008 година грузиската војска се обиде да ја поврати Јужна Осетија, која водеше сепаратистичка војна против Грузија во 1990-тите, но со испраќањето на руските трупи, грузиската армија беше потисната од Јужна Осетија и Абхазија. Тоа доведе до раселување на околу 200.000 луѓе, а Москва ги призна двете територии како „независни“ држави. Русија ја призна таканаречената независност на руските воени сили, кои и до ден-денес остануваат во тие грузиски региони.
По нападот на Русија врз Украина, грузиските власти, кои постојано се справуваат со сајбер-напади и дезинформации, беа повикани да го искористат моментот на геополитичката реалност, но грузискиот претседател одби да ги воведе санкциите што беа наметнати од Запад кон Русија. Грузиската опозиција е во постојано конфронтирање со државните власти поради проруската ориентираност, додека главните стратегиски цели на Москва се да ги запре напорите на оваа кавкаска земја да се интегрира во НАТО и да го зајакне сојузот со САД. Иако Американците планираат да воспостават систем за поддршка на опозицијата, земјата постојано се соочува со директни воени дејства, тајни субверзивни и операции организирани од страна на Кремљ.
Обединетите нации не ги признаваат ниту Приднестровје во Молдавија, ниту Абхазија или Јужна Осетија во Грузија како независни земји. А исто така и САД не ги сметаат за независни.
Зошто Грузија е цел на геополитички конфронтации меѓу големите сили
Грузија е мала земја, која е жариште на различни интереси и надворешнополитички агенди, тактики и стратегии, почнувајќи од Русија, потоа Соединетите Американски Држави и ЕУ, Кина, Турција, Централна Азија (Казахстан и Туркменистан), Иран… Русија е незадоволна од прозападната ориентација на Грузија и ја смета територијата за своја сфера на интерес не само поради геостратегиската позиционираност поради излезот на Црно Море туку и поради енергетското значење на гасоводот Баку-Тбилиси-Џејхан, кој е клучен коридор и транспортира јаглеводородни ресурси од Касписко Море до меѓународниот пазар заобиколувајќи ја Русија. Од тие причини западните сили постојано го засилуваат воено-политичкото одвраќање и инвестираат во борба против растечката контрола на Русија врз овој ударен регион што има излез на Црно Море.
Близината на Грузија со Касписко Море, кое е лоцирано меѓу Русија, Азербејџан, Иран, Туркменистан и Казахстан, е епицентарот на судирот на руските, кинеските и западните интереси, како и на регионалните, националните и финансиски прашања каде што се диверзифицираат маршрутите за нафтоводи со државните интереси и интересите на инвеститорите за посилна економско-политичка и воена моќ на глобален план. Овде се испреплетуваат голем број интереси и токму поради тоа од огромно значење е геостратегиската поставеност на овие држави, чија нестабилност го дестабилизира и руското влијание во просторот на поранешниот Советски Сојуз. Истовремено, огромен е интересот за маршрутите што минуваат на овие простори и за Кина. Меѓународното пристаниште во Баку има капацитет за претовар од 10 милиони тони товар годишно, додека меѓународната железничка пруга Баку – Тбилиси – Карс, која ги поврзува Азербејџан, Грузија и Турција, има потенцијал за транспорт на 6,5 милиони тони товар во почетната фаза и повеќе од 15 милиони тони во понатамошните фази. Овие меѓународни коридори обезбедени од Азербејџан овозможуваат 15-дневна заштеда на транспортот од Кина до Европа и стануваат сè поважни, особено откако Кина најави отворање на новата маршрута.

Бугарија и разузнавачките архиви

Искуствата кажуваат дека и покрај тоа што соседна Бугарија беше најлојална сателит-држава на бившиот Советски Сојуз, а сега членка на ЕУ, и по 30 години од падот на комунизмот моќта на службата за државна безбедност (ДС – Државна безбедност) и натаму е силна и влијателна, при што поранешните вработени во неа се на врвни политичко-елитни и влијателни позиции во власта и бизнисот. Независно од тоа дека владата ги отвори архивите на државната безбедност кога пред 15 години стана членка не ЕУ, многу малку работи се променети од времето на владеењето на комунизмот, а мрежата поранешни агенти на КГБ и денес претставуваат проблем и се „регионална гранка на КГБ и комунистичкиот режим“.
Во бугарскиот парламент се дебатира на оваа тема и постојано го тресат голем број афери во врска со мрежата на поранешни тајни агенти, а кои и денес се активно вклучени во политичко-економскиот естаблишмент на државата и претставуваат своевиден проблем. Особено што истите тие стари кадри уште имаат голема моќ и им служат на руските стратегиски интереси на Балканот и во моментов се мешаат во конфликтот на Бугарија со нашата држава.
Во Меѓународното списание за разузнавање и контраразузнавање (International Journal of Intelligence and CounterIntelligence, Volume 25, 2022) излезе анализата со наслов „Files, Agents, “Deep State,” and Russian Influence: The Legacy of the Communist State Security Service in Bulgaria“ од Кристофер Нехринг, кој е член на Медиумската програма за Југоисточна Европа на фондацијата „Конрад-Аденауер“ и гостин-предавач на Универзитетот во Софија. Таму авторот наведува дека „емпириските податоци од разузнавачките архиви на Бугарија, а кои беа делумно достапни по приемот во ЕУ во 2007 година, сугерираат дека личните врски, зависностите и неформалните мрежи на поранешните агенти и функционери на ДС (Државна сигурност) одиграле важна улога за време на периодот на трансформација во Бугарија и се барем делумно одговорни за политичката корупција, континуираното руско влијание, високиот степен на политизација на бугарскиот безбедносен апарат, злоупотреба на разузнавачки и незаконски практики на следење и висок степен на домашна и меѓународна недоверба и (не)лојалност“.

Романија и безбедносната елита

Триесет години по крвавиот бунт што ја собори комунистичката диктатура на Николае Чаушеску и однесе 1.100 животи, со што ја урна најтешката диктатура во Источна Европа и покрај имплементирање ново политичко демократско уредување, членството во ЕУ во 2007 и многубројните избори во периодот на транзицијата до денес, со државата сѐ уште владеат членови на семејства што биле дел на тајната полиција – Секуритате. Оваа безбедносна елита во Романија ги нема отсечено своите корени од поранешните безбедносни служби и ги штити богатствата на семејствата, така што наследниците на секуритатите се втемелени и вмрежени во девет безбедносни служби и зад сцената манипулираат со политиката, ги нарушуваат демократизацијата на државата и владеењето на правото, што се одразува преку огромната корупција, недостигот од лустрација, политичката нестабилност. Главната безбедносна романска агенција, или „длабока држава“, работи со буџет поголем од оној на германската федерална домашна безбедносна разузнавачка агенција „Верфасунгшуц“ со над 12.000 вработени. Нивното влијание е сѐ уште огромно, а реформската влада, која ја презеде власта во 2017-та, е во континуитет опструирана, бидејќи, како што забележа германската фондација „Бертелсман“ за трансформација на земјите во демократија во извештајот од 2020 година, „разузнавачките служби вршат одреден степен на влијание врз сите институции“.

Д-р Маја Мишковска

(продолжува)