Бизнис-заедница неодамна излезе со своја процена за тоа кои се клучните предизвици за економијата во 2023 година. Со цел да дадеме свој придонес во согледувањето на состојбите, односно анализа од која би произлегле и конкретни решенија и мерки за побрз излез од кризата, „Нова Македонија“ во наредните денови детално ќе се осврне на секој од детектираните предизвици. Во серијата написи веќе се осврнавме на состојбите во енергетскиот сектор. Во продолжение, подлабоко ќе се осврнеме на приоритетите посочени од бизнис-секторот во врска со „балансирана фискална и монетарна политика“, а потоа во следните продолженија и на „патот кон ефикасен даночен систем; подобрување на конкурентноста на компаниите и поенергична битка против корупцијата“

Бизнис-заедницата ги детектира економските предизвици за 2023-та: Балансирање на фискалната и на монетарната политика (2)

Meѓу економските предизвици за следната година што ги детектираше бизнис-заедницата се посочува и балансирање на фискалната и на монетарната политика. Што практично значи тоа, на кој начин треба да се направи и какви би биле очекуваните ефекти брз стопанството? Во однос на сите овие прашања побаравме конкретни одговори, како од стопанствениците така и од надлежните и од експертите во делот на фискалната и монетарната политика.
Народната банка на Македонија неодамна продолжи со затегнувањето на монетарната политика, преку зголемување на каматните стапки за благајничките записи до нивото од 4,75 отсто. Овој монетарен чекор беше направен врз основа на состојбата во домашната и во глобалната економија, кои се одраз на продолжената енергетска и економска криза. Промените во поставеноста на монетарната политика на Народната банка и понатаму се реакција на инфлацијата, која, според предвидувањата на економистите, ќе продолжи да опстојува на високо месечно ниво и во наредната година.
Сепак, ризиците од посилни преносни ефекти врз базичната инфлација од цените на енергијата и на храната, кои сè уште постојат, како и подигнувањето на инфлациските очекувања, според НБРМ, наметнуваат потреба од натамошна монетарна реакција. Значи, во 2023 година, нас нѐ очекува ново стегање на монетарниот ремен.
Но доследното придржување на Централната банка на промените во монетарната политика на Европската централна банка, за која се очекува дека ќе продолжи со зголемувањето на каматните стапки во следниот период, би значело засилување на ризиците за дејствувањето на домашните економски субјекти, преку поголемата неликвидност во тековното работење и намалување на производството. Оттука произлегуваат и економските приоритети во 2023 година што се поставени од бизнис-заедницата, кои се однесуваат на потребата за балансирање на фискалната и на монетарната политика.

Мерки насочени кон ниската инфлација и стабилизирање на цените

Очекувањата на бизнис-заедницата се дека кризата ќе продолжи и следната година, и тоа поинтензивно. Во согласност со октомвриските проекции на ММФ, глобалниот раст во 2023 година ќе забави на 2,7 отсто, а истите тие се поизразени за европската економија, за која се очекува растот следната година да забави на 0,7 отсто.
Економската активност кај нас годинава беше под влијание на предизвиците и неизвесностите предизвикани од глобалните фактори. Наредната година се очекуваат неповолни движења кај надворешната и кај домашната побарувачка, инвестициите во основни средства и потрошувачката. Во согласност со основното макроекономско сценарио, економскиот раст во 2023 година е проектиран на 2,9 отсто. Растот на економската активност и понатаму ќе биде придвижен од домашната побарувачка. Според одредени проекции, инфлацијата ќе почне да се намалува следната година, но цените на енергентите и на храната на меѓународните пазари ќе останат повисоки. Во таквиот контекст, стапката на инфлација е проектирана на 7,1 отсто. Од проектираните 7,1 отсто во 2023 година, ќе се намали на 2,5 отсто во 2024 година.
Околу 76 отсто од растот на инфлацијата е директен ефект од растот на цените на прехранбените производи и на енергијата. Што се однесува до домашната економска активност, во третиот квартал од годината дојдоа до израз неповолните ефекти од енергетската криза и од растот на трошоците врз одредени сектори од економијата, што доведе до забавен економски раст од два отсто. Поради тоа, како што посочуваат од стопанските асоцијации во земјата, од исклучителна важност е водењето претпазливи фискални политики и внимателното управување со домашната побарувачка. Така, податоците за октомври покажуваат мал реален годишен пад на прометот во вкупната трговија, наспроти малиот раст во претходниот квартал и натамошни неповолни движења кај индустриското производство.
Намалувањето на цените на основните прехранбени производи зависи, пред сѐ, од цената на енергентите и на суровините, посочуваат од преработувачките компании. Затоа, покрај монетарните мерки, како инструмент за смирување на инфлаторниот притисок треба да продолжи позасилената поддршка на домашните производители на храна. Субвенционирањето на цената на струјата преку префрлањето на деловните субјекти на регулираниот пазар треба да продолжи и во наредната година, која ќе зависи од висината на берзанската цена на овој енергент. Како позначителна мерка, како што предлагаат компаниите од месната преработувачка индустрија, е ослободувањето од увозните давачки за месото што служи за суровина за месните производи. Во овој дел е и предлогот од Светската банка за продолжување на фискалната поддршка од државата за најранливите домаќинства и фирми, поради високата инфлација и поскапите производи. Една од препораките на меѓународната финансиска организација е затегнувањето на монетарната политика, што треба да се постигне со рамнотежа меѓу избегнување забавена економска активност и сузбивање на инфлацијата. Фокусот на државната фискална политика треба и понатаму да биде на долгоодложуваните структурни реформи, за да се поттикне економскиот раст и да се отворат нови работни места, посочуваат од бизнис-заедницата.

Намалување на каматните стапки за кредитите за фирмите

Мерките што се преземаат од централната банка ќе влијаат на забавување на кредитните активности на банките, кои ќе мора да ги зголемат каматните стапки за деловните субјекти и за граѓаните. Во анкетата на Европската инвестициска банка, која е фокусирана на банките од Централна, Источна и од Југоисточна Европа, се наведува дека севкупната побарувачка за кредити дополнително ќе се зголеми во текот на следните шест месеци, иако со поумерено темпо, со барањата за обртни средства на фирмите за покривање на потребите за ликвидност како главен двигател. Банките очекуваат условите за понудата на кредити на своите клиенти значително да се влошат во следните шест месеци.
Последните промени на каматните стапки веќе се одразуваат на висината на вкупните трошоци на работењето кај компаниите, кои поради природата на производниот процес се ориентирани да користат банкарски кредити или други надворешни извори на финансирање, предупредуваат од домашните компании.
– Кога анализираме и изнесуваме мислење за тоа што и кога НБРМ презела мерки за справување со инфлацијата, важно е да знаеме дека Централната банка на САД, на пример, (како и централните банки на другите развиени пазарни економии), главно дејствува преку два канала: со поскапувањето на парите (зголемувајќи ја референтната каматна стапка) предизвикува зголемување на каматите на хипотекарните кредити, што води до пад на активноста и побарувачката во секторот на домување и до апрецијација на доларот (раст на неговата вредност), тоа, пак, предизвикува намалување на конкурентноста на извозот на производите и услугите. Двете работи, заедно, ги туркаат домашните цени надолу – вели Петар Гошев, поранешен гувернер на Народната банка на Македонија.
Во случајот на Македонија и другите со де факто фиксен девизен курс, главно посредно средство за остварување на целната инфлација е девизниот курс. НБРМ го одржува со постојана активност на девизниот пазар: ги откупува сите вишоци девизи што периодично се јавуваат на пазарот и продава девизи (евра) од резервите секогаш кога има недостиг. Така, или инјектира или повлекува ликвидност. Фиксниот девизен курс, всушност, дејствува како автоматски стабилизатор. Референтната каматна стапка, според ефективноста, е вториот (третиот) редовен канал – дејствува послабо и со многу подолг одложен ефект. Кога тоа не е доволно (како во актуелниов случај), НБРМ преминува на подиректна контрола на паричната маса: преку менување на износите на благајничките записи, на висината на стапките на ликвидната актива на банките, на коефициентите на задолжителната резерва итн., појаснува Гошев.
За начинот на дејствување на централната банка ги наведува двете години, 2020 и 2021, кога беснееше светската пандемија и косеше животи, затвораше компании, попречуваше нормална трговска размена, што доведе до намалување на БДП во многу земји и кај нас, а НБРМ осетно ја разлабави монетарната политика. Од јануари 2020 до март 2021 година, етапно ја намали референтната каматна стапка од 2,25 отсто на 1,25 отсто, а од март 2020, па натаму усвои и повеќе директни мерки за зголемување на паричната маса. Во два чекора го намали износот на благајнички записи од 25 на 10 милијарди денари. Донесе одлуки за намалување на висината на задолжителната резерва, за олеснување на условите за кредитирање и отплата на доспеаните кредити итн. Тоа го бараа многу гласно и бизнис-асоцијациите и нејзините критичари од политичката опозиција, вели Петар Гошев, поранешен гувернер на Народната банка на Македонија. Од бизнис-заедниците очекуваат во наредната година да продолжи финансиската помош од буџетот за одржување на тековното производство и вработеност, како и на извозната конкурентност на македонската економија, која е сериозно нарушена, поради војната во Украина и енергетската криза. Еден дел од тоа треба да биде во зголемување на кредитниот потенцијал на Развојната банка, преку кој се одобруваат поволни кредитни линии за микро, мали и средни компании, трговци поединци и занаетчии погодени од енергетската и од ценовната криза.

Намалување на непродуктивните буџетски трошоци

Бизнис-заедницата се залага за доследно спроведување на буџетската политика за 2023 година, која од економските министри во Владата беше означена „како развојна“ и насочена кон решавање на високата инфлација и одржувањето на економскиот раст. Очекувањата на бизнис-секторот се да се остварат проектираните ставки за капиталните расходи од 800 милиони евра, за што економските експерти се сомневаат дека ќе бидат остварени, како и во сите претходни фискални години. Тоа што загрижува е што во наредната година се предвидуваат 700 милиони евра дефицит и пораст на буџетските расходи за 12,6 отсто, што е неразумно високо проектирање на расходите, ако се имаат предвид ризикот од остварување на приходите и намерата за фискална консолидација. Буџетскиот дефицит е поставен на ниво од 4,6 отсто од БДП. Вкупните приходи на буџетот за 2023 година се планирани на ниво од 282 милијарди денари и истите тие се за 14,8 отсто. Бизнисмените се надеваат дека ќе дојде до постепена фискална консолидација. Вака планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит на ниво од 4,6 отсто од планираниот БДП, односно за 0,7 процентни поени пониско во однос на проекцијата за оваа година.
– Владата, не само оваа, континуирано планираше и остваруваше буџетски дефицити, често над фискалниот капацитет за одржливост на јавните финансии. Тоа нема друго име, освен инфлаторно финансирање, особено ако минусното салдо не ја подобрува страната на понудата на витални стоки и услуги и условите за повисока општествена продуктивност. Поголемиот дел од приказната дека „се задолжуваме за развој“, во нашиот случај, треба да ја фрлиме на некое буниште. Во 2020 година, буџетскиот дефицит изнесуваше -8,1 отсто од БДП, најголем по 1993 година (-13,4 отсто). Во 2021 година -5,4 отсто, како за време на меѓуетничкиот конфликт во 2001 и 2002 година. Во 2022 година, исто така, високо планираниот дефицит ќе биде делумно анулиран со „инфлаторниот данок“ што го прибира Владата. Во 2023-та повторно високо планиран дефицит – заклучува Петар Гошев.
Главниот предизвик за Владата ќе биде да ги намали непродуктивните трошења, а сите средства од тоа да се насочат кон намалување на ефектите од глобалната криза и инфлацијата, потоа да се одржи економскиот раст – посочуваат од Стопанската комора на Македонија.
Во наредната година, економијата во нашата држава ќе се соочува со тешкотии што ќе вршат притисок врз макроекономската стабилност поради неквалитетното трошење на јавните финансии што создаваат високо ниво на јавен долг, проследен со раст на инфлацијата. Сегашното ниво на долгот е во ризична позиција и мора да се наоѓаат мерки што ќе водат кон негово намалување, предупредуваат од бизнис-секторот.

Eфикасни реформи во јавните финансии

Во услови на енергетска криза и инфлација во која се наоѓа Македонија, фискалната консолидација е главен фактор во насока на контролирање на побарувачката, со цел да не се предизвика инфлаторна спирала со натамошно зголемување на очекувањата за раст на цените. Навременото и редовно исплаќање на обврските што ги имаат државните институции и од локалната самоуправа ќе придонесе за подобра бизнис-клима за домашните компании, кои ќе можат да имаат поголема предвидливост во планирањето на своите проекти. Наталожувањето на долговите за неплатени сметки за струја за јавните претпријатија и здравствени институции и долговите по други основи кон приватниот сектор сѐ уште се големи. Од бизнис-заедниците очекуваат Министерството за финансии да опстои на своите заложби за 2023 година за фискалната консолидација, која би се одвивала преку: напредокот во намалување на буџетскиот дефицит и државниот долг, подобрување на ефикасноста на владините расходи, како и на даночниот систем. Преку насочување на буџетските трансфери кон областите што ќе дадат додадена вредност. Подобрувањето на наплатата на давачките преку понатамошно унапредување на даночната регулатива мора да биде во насока на оптимизација на даночниот систем, кој нема дополнително да го оптоваруваат економските субјекти во земјата, е очекување на домашните компании за 2023 година. Бизнисмените потсетуваат и на предизвиците на спречување на неформалната (сива) економија, на која се посочува и во многу економски извештаи за Македонија, во кои е проценета на 38 отсто од БДП. Како проблем се споменуваат и транспарентноста и ефикасноста на државната помош, која е негативно погодена од големиот број државни корисници.