Славка Чакрова (Пушкарова)

Во Струга се случил уште еден настан што само ја покажал одлучноста на Славка да помогне колку што може во ослободителната борба. Во периодот околу 1899/1900 година таа се решила на еден опасен чин токму на свадбата на сестра ѝ Елисавета. Поканети биле сите членки на струшката женска организација, кои, под превезот на веселиот миг, на дното на повеќе чунови скриле голем број куршуми и пушки. Оттука, по езерото ги пренеле во манастирот „Пречиста“ во близината на градот. Од манастирот овие пушки потоа биле разнесувани во околните села

Жени во македонското револуционерно движење од предилинденскиот и илинденскиот период (14)

Во македонската историја се познати голем број настани и револуционери што оставиле силен белег во борбите за ослободување на Македонија. Меѓутоа, она што не е доволно познато е дека во тие борби се вклучиле и повеќе Македонки, кои со своите дела и постапки исто така дале свој придонес во револуционерното дело. Околу нив се плетеле приказни, се граделе митови и легенди, а нивните биографии личат на вистински романи, кои како да се произлезени од најголемите фантазии на писателите. Овие жени се бореле гради во гради со непријателот, шиеле востанички знамиња, извршувале курирски задачи, пренесувале оружје и муниција, ги криеле и ги лекувале македoнските револуционери. Нивниот револуционерен ангажман бил прераскажуван од современиците, а меѓу народот биле
познати како „комитките“.
Авторот д-р Славчо Ковилоски е универзитетски професор.

Македонското револуционерно и ослободително движење бележи силен развој во охридско-струшкиот реон. Паралелно со појавата на голем број револуционери од овие краишта се забележува и појавата на повеќе учителки што се вклучиле во револуционерните борби. Примерите со дејностите на Константина Бојаџиева (Русинска), Поликсена Мосинова, Клио Самарџиева, Василка Размова и други ја покажуваат нивната инволвираност во ослободителното движење преку везење на револуционерните знамиња и преку извршување курирски задачи, а некои се вклучиле и директно во борбите за време на Илинденското востание.
Познатата струшка фамилија Чакрови (Чакарови) уште во средината на 19 век се вклучила во јавниот и општествен живот во Струга. Еден од нив, Георги Чакров, бил соборец со браќата Миладиновци и бил многу почитуван од македонското и од турското население во градот. Од неговиот брак со Аспасија добиле повеќе деца: Александар, Станислав, Иван, Славка, Елисавета и Анастасија Чакрови. Она интересното е што сите тие се вклучиле во редовите на Македонската револуционерна организација. Меѓу нив биле и сестрите Славка, Елисавета и Анастасија. Анастасија е позната како сопруга на просветителот Димитар Узунов и мајка на тројцата револуционери: Христо, Андон и Ангел Узунови. Елисавета, пак, учествувала во изработката на знамето на струшката револуционерна чета од 1903 година.
Во оваа пригода ние ќе се задржиме на Славка Чакрова. Родена била во Струга, во 1879 година, а во родниот град го добила основното образование. Во Солун во 1895 година ја завршила егзархиската гимназија. Започнала да учителствува во Струга, каде што набрзо нашла истомисленички во однос на ослободителното дело. Така, заедно со Костадина Хаџова, Анастасија Чакрова, Царева Чалабова и уште неколку учителки го формирале просветното друштво „Светлина“, кое патем било параван за нивната револуционерна дејност. По извесно време започнала да учителствува во Охрид, каде што ја повторила праксата меѓу учителките да формира женско друштво. И при нејзиниот престој во Скопје околу себе ги обединила учителките Љуба Ќупева, Јанка Каневчева и Амалија Примџанова, па ја продолжила својата револуционерна дејност како секретарка на Скопскиот револуционерен комитет. Во Скопје останала четири години. Тука го запознала Никола Пушкаров, родум од Пирдоп, со кого во 1906 година се венчала земајќи го неговото презиме. Историските извори ја ословуваат токму како Славка Пушкарова.

Во Скопје учествувала во издавањето на хекторгафскиот весник „Слобода или смрт“, при што редактор бил Никола, а текстовите ги (пре)пишувала со својот убав ракопис Славка. Пушкаров во спомените забележал дека скопските учителки „и отпорано земаа учество околу редактирањето на весникот, а сега откако останаа само тие, беше се заземале за сѐ – ја одржуваа кореспонденцијата, праќаа облеки, чевли и друго“. Како куриозитет ќе истакнеме дека скопските учителки изразиле желба да научат да ракуваат со оружје. Вежбите за стрелање ги изведувале за време на нивните излети во околината на Скопје. Оружјето, пак, го пренесувале во своите широки фустани.
По задушувањето на Илинденското востание го напуштила Скопје. На враќање кон Струга, според личните искази на Славка, се одбила до Солун, каде што на железничката станица била уапсена од властите под сомнение за учество во револуционерните борби. Случајот посакал кај неа да бидат пронајдени куршуми и оружје. Сепак, под силен меѓународен притисок таа била ослободена. Бидејќи ситуацијата во Македонија се искомплицирала со нарушената револуционерна мрежа, но и со започнатите братоубиствени борби, таа го започнала својот живот во Софија, заедно со сопругот Никола. И тука нејзиниот неуморен дух не останал долго со скрстени раце, па започнала со добротворни активности, најчесто поврзани со македонската емиграција во Софија. Таа била еден од помагателите за создавањето на културниот дом „Б. Миладиновци“ и на албумот-алманахот „Струга“. Починала во 1956 година.
Она што Славка Чакрова (Пушкарова) ја прави исклучителна е нејзината организациска способност. Без разлика каде се наоѓала, без разлика на градовите во кои живеела, без разлика на тоа кои ѝ биле соработници, таа успевала да обезбеди или да создаде соодветни услови за ширење на револуционерните идеи. Способна организаторка, Славка самата започнала со везење револуционерно знаме, а потоа успеала да ги обедини струшките девојки во конечната изработка на знамето. Така, покрај неа, во изработката на знамето учествувале уште и нејзината сестра Елисавета, братучетка им Милица, потоа Царева и Константа Деребанови, како и Костадина Галабова, Катерина Несторова, Костадинка Вангелова и Анастасија Милошева. Факт е дека да се биде организатор и раководител на една ваква група сочинета од повеќе лица никогаш не е лесна работа. Со сестра ѝ Елисавета самите го извезле знамето на струшката чета на кое пишувало „Слобода или смрт“. Струшкиот револуционер Милан Матов оставил кратка белешка во врска со ова знаме: „Во еден разговор, Чакрова ми покажа едно мало знаме од црно платно изработено од неа со следниве карактеристики: на едната страна беше извезен мал лав од жолта свила, до неа жена во струшка носија, а околу него навезени пак грубо со свила еден топ, сабја, пушка, кама, секира, коса, а одгоре во полукруг напишани следните зборови: ‘Само Круп е ослободител од петвековниот траур’. Со Круп се поврзуваат познатите германски оружени организации“.
Истовремено, во Струга се случил уште еден настан што само ја покажал одлучноста на Славка да помогне колку што може во ослободителната борба. Во периодот околу 1899/1900 година таа се решила на еден опасен чин токму на свадбата на сестра ѝ Елисавета. Поканети биле сите членки на струшката женска организација, кои, под превезот на веселиот миг, на дното на повеќе чунови скриле голем број куршуми и пушки. Оттука, по езерото ги пренеле во манастирот „Пречиста“ во близината на градот. Од манастирот овие пушки потоа биле разнесувани во околните села. И овој случај ја покажува снаодливоста на Славка. За неа, во своите „Рани спомени“ ресенчанецот Симеон Радев споделува дека „Славка стана една од хероините на револуционерното движење. Осудена на смрт и после помилувана во Скопје каде беше учителка, таа одлежа две години во турскиот затвор“. На овие зборови ќе се надоврземе и ние со едноставниот заклучок: Стружанката Славка Чакрова, односно Славка Пушкарова е сигурно една од хероините на македонското ослободително движење.

(Продолжува)