Серијалот „Политиката низ призмата на изборите, партиите и демократијата“ од авторот Сотир Костов обработува актуелни теми од нашето општествено, политичко, економско и социјално битисување. Имено, за читателите на „Нова Македонија“, политичката редакција заедно со авторот грижливо одбра извадоци од книгите „Политичката партија како бренд концепт – организација која учи, напредува, знае и умее“, „Бренд концепти (concepting) за политичко мајсторство и изборна заводливост“ и „Изборни кампањи – мотивирање, инспирирање и стратегии за победа“. Книгите се напишани и издадени минатата година и во нив се претставени најновите достигнувања на политичкиот и социјалниот маркетинг, како и на политичкото и персоналното брендирање, соодветно применливи во изборните трки за парламентарни, претседателски и локални избори. Во пресрет на претседателските и парламентарните избори во нашата земја, редакцијата оцени дека токму овој избор на текстови, систематизиран во еден краток фељтон, на читателите ќе им обезбеди соодветна ефикасна алатка за суштинска и објективна опсервација на политичките движења и трендови во Македонија при анализа и синтеза на плимата политички настани
Политиката низ призмата на изборите, партиите и демократијата (10)
Веќе долго време ги истражувам и проучувам брендовите и брендингот. Свесен за фактот дека не постои официјална и од сите прифатена дефиниција за поимот бренд, јас само се осмелувам да дадам мој опис за тоа што е бренд. Поточно, што е успешен бренд или кој бренд е лидер. За мене тоа е бренд што го краси висок квалитет на политики што им ги нуди на граѓаните и ист таков квалитет на живот брендот им овозможува на сите што учествуваат во неговото создавање. Приказната за брендовите во политиката е приказна за извонредност во спроведувањето на политиките и применувањето потребни и соодветни мерки и проекти. Кога станува збор за извонредноста на нештата, забележав дека вообичаено луѓето се фокусираат на резултати. Тие се клучни индикатори за успехот. Најконкретно, тие се неоспорлив доказ дека некој бренд е лидер.
Во темелот на успешноста на секој бренд, лидери се неговата мисија и основните вредности што го красат. Денешните деловни и политички субјекти мора да знаат зошто постојат и врз основа на кои принципи функционираат. Организациското однесување, функционирање и дејствување засновано на вредности повеќе не е само интересен филозофски избор туку и услов за опстанок на глобалниот пазар – во случајот опстанок на политичкиот пазар. Штом една организација има јасна слика за својата мисија и вредности, таа има јака основа да ја оцени сопствената менаџментска пракса и да ја усогласи со артикулираните вредности и со усвоените вредности. Тоа значи дека организацијата ги артикулира организациските вредности, а луѓето во неа ги идентификуваат своите лични вредности. Тоа подразбира да се постават круцијални прашања: Која е целта на моето постоење? Што работам јас? Дали досега во животот го следев сопствениот или туѓиот сон? Во одговорите на овие прашања треба да се содржат суштинските вредности. Тие ја дефинираат целта на постоењето и во никој случај не се само интелектуален процес преку кој се доаѓа до логички заклучоци.
Што значи тоа? Кога станува збор за создавање бренд што сакаме да е успешен и лидер, мораме да копаме подлабоко – до нивото на внатрешните вредности. Се поставува прашањето кои се тие суштински вредности за вас, за организацијата, или за кој било друг што ќе ги насочуваат и формираат начините на реализирањето на целите. Потоа следува прашањето како да се демонстрираат тие вредности во секојдневното работење и комуницирање со светот. Крајната цел е членовите да бидат посветени, граѓаните задоволни, а коалициските партнери и поддржувачите и понатаму заинтересирани да работат со вас. Во поглед на сите овие компоненти треба да се размислува, чувствува и дејствува како лидер. На прво место се граѓаните избирачи. Ви требаат граѓани што се задоволни од вашите политики и кои ќе се фалат со вас. Граѓани поддржувачи што ќе станат дел од вашиот политички маркетинг, како вистинска подршка. Не смеете да ги заборавите и инсајдерите, вработените во партијата, членовите и симпатизерите. За нив треба да обезбедите соодветен квалитет за нивен достоен живот. Тука некаде се и спонзорите и поддржувачите. Ниту една организација не е среќна ако не е ефикасна и ефективна. А да се биде ефикасен и ефективен, најпрвин подразбира да се биде етичен.
Една од најважните особини од ефективното лидерство денес е интегритетот.
Вообичаено, алката што недостига е интегритетот. Интегритетот е крвотокот на секој организиран субјект. Тој е печат и суштина што ги поврзува сите елементи. Тој е сврзникот на искреноста, чесноста, соработката и, секако, на неизоставната етичност. Интегритетот во работата се добива доколку субјектот во дејствувањето во преден план ги става вредностите (управување со вредности – Management By Values). За политиката тоа значи дека станува збор за пракса на управување со која: граѓаните се привлекуваат и мотивираат повторно да ги прифаќаат понудените политики; членовите да се инспирирани да го даваат својот максимум; раководството е одговорно; преостанатите стејкхолдери се поттикнати да ја одржуваат својата приврзаност. Тоа е идеал што, според мене, не може да се оствари без практикување вистински и соодветни вредности. Чинам дека дури и ова не е доволно. Потребен е уште еден услов. Усвоените вредности треба секојдневно да се практикуваат во секој сегмент на политичкото дејствување. Тоа значи дека вашата мисија и усвоените вредности мора да бидат усогласени со визијата што ја имате. Сето тоа треба да се сфати и прифати како начин на кој ќе внесете позитивна енергија во вашите политики и ќе целите да им обезбедите благосостојба на граѓаните, управувајќи со државните и општествените работи. Едноставно кажано, мора успешно да ја извршите вашата мисија. Да обезбедите работно окружување во кое членовите на партијата ќе се чувствуваат исполнето, а граѓаните на кои им се обраќате ќе бидат задоволни од вашите политики. За едно секогаш мора да бидете свесни: вистинскиот успех не доаѓа како резултат на рекламирањето на вашите вредности, туку како резултат на нивната постојана примена во вашите секојдневни активности.
Тоа е една магична поврзаност на вредностите со мисијата. Практично, тоа значи дека кога обичните просечни луѓе се усогласени околу заеднички вредности и обединети во заедничка мисија, најчесто тие постигнуваат натпросечни резултати. За оваа поврзаност се неопходни етичност, извонредност и успех. Етичност. Етичноста се остварува преку исправни постапки. Извонредност. Извонредноста е создавање систем на квалитет и негово постојано применување. Успех. Успехот се постигнува преку изградба на темели за наш опстанок и раст. Кога вредностите се вистински? Тоа е случај кога почнуваат да дејствуваат како силен магнет, кои нѐ собираат околу нашата заедничка тема – нашите вредности. Инаку, во пракса, управувањето преку вредности не е баш така едноставна и лесна работа. Самото прифаќање на управување преку вредности како ефикасна деловна/политичка филозофија не значи дека примената на истото тоа ќе оди лесно. Многу луѓе го мислат спротивното. Уште повеќе мислат дека тоа е само ново име за тоа што веќе го работат.
Трети, пак, мислат дека самото усвојување на овој начин на управување ќе доведе до успешна трансформација и резултати во работењето. Јас лично мислам дека најмногубројни се тие што даваат отпор. Тие се најбрзи и вообичаено први разгласуваат дека управувањето со вредностите е тешко остварлива работа или, поинаку кажано, сон што не може да се оствари. Тоа е проблемот на промените и инертниот однос кон нив на најголем број субјекти. Работите можете да ги наместите да изгледаат поинаку однадвор. Но, до вистински промени не доаѓа сѐ додека тие не се случат во луѓето. Всушност, на тоа многу одамна нѐ опомена и Ганди, кога констатира: „Промената што сакаш да ја видиш си ти“. Тоа значи дека додека не се промениме самите, нема да дојде ни до вистинска промена на работите и состојбите воопшто. Да бидам искрен, за овој факт непрекинато размислувам откако почнав да се занимавам со феноменот на брендовите и нивното создавање и најчесто во тој контекст се прашувам зошто сме неуспешни во создавањето нови брендови. Зошто брендовите што ги имаме не знаме да ги цениме и истакнеме?
Проучувањето на управувањето со вредности, на примерот на стотина најуспешни бренда во светот, ми помогна да сфатам не само што сакам од мојата работа туку и што очекувам од самиот живот. Мислам дека овој проблем го имаат голем број луѓе во Македонија. Затоа и имаме проблеми во создавањето брендови поединечно и брендирањето на Македонија воопшто. На многу учесници во политиката (политички партии, политичари, менаџери) им недостасува чувство за конкретна мисија и остварување на поставените цели во политичкиот натпревар во освојувањето на власта. Овој проблем можеме да го решиме само ако почнеме од неговите корени. Тука, пред сѐ, мислам на: мисијата, целите, посветеноста, мобилизирањето, поттикнувањето, организирањето, упорноста, истрајноста, одлучноста, позитивната енергија и сл.
Наша мисија е да се научиме себеси и другите како да го мобилизираме она најдоброто во нас за полесно да ги постигнеме нашите цели и да бидеме задоволни од работата и животот. За нејзино остварување ни се неопходни интегритет во работењето, љубов кон блиските и другите и чувство на успешност во животот.
Мислам дека овие вредности претставуваат добра основа за промена на организациската и политичката култура кон подобро. Несомнено е дека која било вредност од нив сама или во комбинација со неколку други може да ни даде голема енергија во работата. Обично луѓето се стимулирани од меѓусебен ентузијазам и велат дека чувствуваат обновена надеж или повторна верба како резултат на тоа што постојано слушаат приказни за успех или лично успехот го гледаат на дело. Влијанието што овој процес го има врз животите на луѓето, со влијанието што го има во работното опкружување, за мене лично претставува еден од највозбудливите аспекти на целата оваа приказна за неопходноста од вистински вредности при создавањето успешни брендови.
Промени. Промената во приватниот живот на луѓето секогаш претставува награда што им донесува задоволство и инспирација. Промените во работата, пак, носат резултати, резултатите успех, а успехот задоволство и исполнетост. За почеток: усвојте вистински вредности, како прво, и секогаш придржувајте се кон нив во работењето и животот, како второ. Тоа ќе донесе промена во нашата деловна и политичка култура. Постојната (стара) парадигма да нагласуваме што луѓето постојано работат погрешно ќе ја замениме со нова парадигма, како едни со други се охрабруваме дека работиме исправно. Тоа е нов систем на вредности, кој може да биде извор на нашата извонредност и квалитетот што се создава преку неа. Сето ова е многу блиску до сонот на секој политички бренд што сака да биде успешен.
Сотир Костов
(продолжува)