Политичкиот менаџмент како вештина

Серијалот „Политиката низ призмата на изборите, партиите и демократијата“ од авторот Сотир Костов обработува актуелни теми од нашето општествено, политичко, економско и социјално битисување. Имено, за читателите на „Нова Македонија“, политичката редакција заедно со авторот грижливо одбра извадоци од книгите „Политичката партија како бренд концепт – организација која учи, напредува, знае и умее“, „Бренд концепти (concepting) за политичко мајсторство и изборна заводливост“ и „Изборни кампањи – мотивирање, инспирирање и стратегии за победа“. Книгите се напишани и издадени минатата година и во нив се претставени најновите достигнувања на политичкиот и социјалниот маркетинг, како и на политичкото и персоналното брендирање, соодветно применливи во изборните трки за парламентарни, претседателски и локални избори. Во пресрет на претседателските и парламентарните избори во нашата земја, редакцијата оцени дека токму овој избор на текстови, систематизиран во еден краток фељтон, на читателите ќе им обезбеди соодветна ефикасна алатка за суштинска и објективна опсервација на политичките движења и трендови во Македонија при анализа и синтеза на плимата политички настани

Во своето дело „Политика“, Аристотел објави дека „човекот по природа е политичко животно“. Најверојатно со оваа мисла Аристотел сакал да каже дека човечките суштества можат да водат „добар живот“ единствено во рамките на организирана политичка зедница. Според ова гледиште, политиката е етичка дејност чија цел е создавање правично општество. Во средиштето на организираното општество, од античка Грција до денес, се наоѓа политиката како активност на човекот. Таа е во средината на сите колективни општествени активности, формални и неформални, јавни и приватни, во сите групи на луѓе и во сите институции.
Се поставува прашањето со што политиката се разликува од другите облици на општествено однесување. Специфичноста на политиката се состои во распределбата, употребата и управувањето на ресурсите во рамките на општествената реалност. Во суштина политиката е моќ: способност да се постигне саканата цел. Ова најдобро го прикажал Харолд Ласвел, кој напишал книга со наслов „Политика: кој добива, што, кога и како?“ Овде доаѓа до израз возбудливата природа на политиката: луѓето во политиката се спротивставуваат едни на други. Во тоа спротивставување тие се расправаат каков треба да биде животот во општеството.
Како треба да се распредели власта? Дали општеството треба да е засновано на соработка или на судир?
Луѓето не се согласуваат и по прашањето како овие судови треба да бидат решени. Од една страна има спротивставени мислења, различни желби и спротивставени потреби и интереси што предизвикуваат судир. Од друга страна луѓето сфаќаат дека мора да соработуваат меѓусебно за да ги остварат своите цели. Тоа значи дека политиката секојпат е дијалог, во кој секогаш има соработка и судир. Осамени личности, како што е Робинзон Крусо, не можат да се занимаваат со политика.

Политиката настанува тогаш кога ќе се појави Петко. Затоа политиката е дејност на повеќе луѓе, со која тие ги создаваат, одржуваат и менуваат општите правила според кои живеат.
Политичката активност е активност со која луѓето организирани во политички партии учествуваат на избори за да ја освојат власта. Во тој контекст е и познатата мисла на Шумпетер дека „Прва и најзначајна цел на секоја политичка партија, е да дојде на власт или да се задржи на власт“. И во едниот случај (да се дојде на власт) и во другиот случај (да се задржи власта), политичкиот субјект треба да е способен да подготви, испланира, организира и реализира успешна изборна кампања преку која ќе го убеди гласачкото тело да гласа за неговите кандидати. Токму во ова се состои и грандиозноста на мислата на Бизмарк дека „политиката не е наука… туку уметност – вештина на можното“. Значи, смислата на постоењето на политичката партија е да ги задоволува своите барања и интереси, со поставување и остварување политички цели. Истите тие се остваруваат преку политичка активност и политичко дејствување на политичката сцена.
Политичката активност (дејствување), активност и дејствување на политичката партија што е: предметно фокусирано, аналитички осмислено, дејствено операционализирано и инструментализирано и персонално, временски и просторно определено политичко настапување. Ваквото политичко дејствување на политичката партија е насочено кон постигнување на конкретната политичка цел – целосна или делумна победа на изборите – целосно или делумно освојување на власта. Оваа активност и дејствување на политичката партија се пројавува како: политички дејства (политичко настапување и политичко спротивставување) и политички акции (операции, кампањи и дуели). Реализирањето на политичката активност и политичкото дејствување на политичката партија зависи од нејзината политичка вештина.
Политичката вештина се состои од акциска политичка имагинација, теоретско знаење и практично искуство со кои располага партијата, како и од развиеноста и разгранетоста на нејзината оперативно-политичка логистика, кои се основи за нејзиното стратегиско настапување и нејзината стратегиска компетитивност во контекст на успешно справување со политичкиот проблем и негово решавање. Реален носител на политичката активност и политичкото дејствување е организацијата.
Организацијата е организациски систем, кој е интересно, функционално и структурно јасно профилиран во структурата на партијата, во однос на средината што ја опкружува. Организацијата е систем во кој членовите на партијата преку дефинирани процеси работат заедно, со цел да ја остварат заедничката цел.

За остварување на целта е потребно членовите на партијата да поседуваат знаење, умеење, вештина и способност. Знаењето, умеењето, вештината и способноста на членовите на партијата се постигнуваат со перманентно и континуирано учење.
Учењето е индивидуално (на членовите на партијата) и организациско (на организацијата во целост). Учењето се спроведува преку едукација, тренинг и обука. Успешноста на политичките активности најдиректно зависи од политичкиот менаџмент, кој истовремено е како наука и теорија, така и практика на системот на управување со луѓето во политиката. Така сфатен политичкиот менаџмент, можеме да го дефинираме како процес, серија на чекори за насочување на акциите на луѓето, кои користејќи најразлични ресурси, ја остваруваат поставената и дефинирана цел.
Добриот политички менаџмент претпоставува: политичка вештина на управување со процесите, раководење со луѓето, рационално користење на ресурсите и ефикасно остварување на целите. Значи, четирите основни елементи на политичкиот менаџмент се: процеси, луѓе, ресурси и цели.
Процесите всушност се постапки во остварувањето на функциите и активностите на луѓето како што се: планирање, организирање, координирање, мотивирање, контролирање и друго.
Луѓето се вториот елемент на политичкиот менаџмент и всушност тие се двигателите на процесите во кои со помош на ресурсите ја извршуваат работата, т.е. ја остваруваат целта.
Ресурсите се трет елемент и всушност тоа се парите, техничките помагала и времето.
Целите како четврти елемент на политичкиот менаџмент всушност се краен резултат или состојба.
Четирите основни елементи на политичкиот менаџмент ги обединува една целина наречена организација.

(продолжува)