Хаику-интермецо

Мојата прва хаику-книшка „Слика тркало“ се затркала со голема брзина. Се случуваше секој ден да запишам по едно хаику. Некогаш и по две, по три за еден ден. Станав неуморен детектив за малечките големи случки околу мене, што пред мојот поглед се намножуваа во својата свежост и разновидност. Осамениот дебел врабец што клука меѓу наросените тревки во мојот двор како да го гледав по првпат. Дремката на моето џинџер мачорче Томче на простирката пред влезот траеше низ бескрајниот сегашен миг.
Денес, кога со временска дистанца од дваесетина години, а со истиот тој уште подремлив мачор Томас до мене, денес ветеран во мачешкиот свет, се потсеќам колку тогаш бев исполнет со хаику-занесот, колку брзо ги гледав и ослушнував ситните знаци на животниот проток, морам да си признаам, колку таа неусиленост кај миговните тристишја му е потребна не само на уметникот, на писателот, туку и на секој од нас што растресено, вознемирено и уплашено трча низ животот. Да нѐ одмори, да нѐ разведри, да нѐ очовечи.
Еве, да почнам од средбите со најситните, со бубалките:

Низ сончев зрак
Рингишпил од мушички
во чест на Велигден.

– Ме касна оса.
– Кога? – Вчера. – Те боли?
– Кога ќе ми текне.

Сообраќај во ред,
без семафор и знаци.
Град на мравките.

На крилото – син круг.
Ме запре да ја видам:
пеперутка на пат.

На уво ми слета
комарец, ситен и слаб.
Па, ред е да касне!

По операцијата
Прв крв ми тестира
д-р Комарец, лично.

Гајле му е на
штурецов за мојот сон!