Мистична Македонија: Музеј под отворено небо
Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент
- Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија
За тоа како се развивал рудникот „Злетово“ од почетоците до крајот на 70-тите и 80-тите години на минатиот век најмногу можеме да дознаеме од објавените монографии по повод 30, 50 и 60-годишните јубилеи од работата на најстариот активен рудник во Република Македонија. Работата на рудникот во тој период е овековечена и во документарни емисии од тогашните телевизии Скопје и Белград. Непосредни информации, кои произлегле од една од најстарите издавачки групи на работен колектив во тогашна Југославија, можеме да прочитаме во весникот што се објавувал од 1947 г. под името „Злетово“, по што бил преименуван во „Осоговски рудар“, па во „Злетовски рудар“ и повторно преименуван во „Злетово“. Добил значајна државна награда во 1987 г., во чест на 40-годишниот јубилеј на весникот. Едно од најстарите радија во државата било радио Пробиштип, кое започнало со работа набрзо по почетоците на весникот. Во годините по војната бил основан и фудбалскиот клуб Рудар. Покрај неколкуте четирикласни училишта, во учебната 1950/1951 година започнало со работа првото осумгодишно училиште во Пробиштип, а неколку години подоцна и во Злетово и Трооло. Во таа деценија работело и Рударско индустриското училиште со практична обука, гимназијата била отворена во 1961 година, а од 1963 г. започнало со работа Рударското геолошко техничко училиште. Рудниците биле директно вклучени и во отворањето на Факултетот за геологија и рударство во 1977 година. Во втората половина на минатиот век селото Добрево добило дом на културата, а дом на културата, базен и многу други модерни објекти биле изградени и во Пробиштип – градот на рударите…

Денешниот град Пробиштип, кој претставува и центар на истоимената општина, постои во сегашната форма како последица од развојот на работата на рудникот по Втората светска војна. Градот Пробиштип претставува збир на селото Пробиштип, индустриската населба и населбата Калниште. На територијата на денешниот град со сигурност постоело многу старо село, а веројатно и поголема средновековна и античка населба, на што укажуваат многуте пронајдоци при копањето темели за куќи и орањето на земјата. За името на Пробиштип постојат две претпоставки, едната се темели на документ од 14 век во кој како сопственик на имот се споменува Иван Пробиштитовиќ, а другата претпоставка е дека името доаѓа од „про – астибо“, населба покрај или по патот кон Астибо, денешен Штип. И селото Добрево се споменува во документ од 14 век, а во атарот на денешното село се потврдени остатоци и од многу постари населби.
Топонимијата во целиот регион дава можност за голем увид во древното рударство, самите имиња на села и месности и ден-денес сведочат за два и полмилениумската рударска традиција. На Плавица се плавело, била нарекувана и Златица оти имала злато, на Жгури се топело, руда се вадела од атарите на Близанци и Нежилово, од Косел кај Турско Рудари… многу други имиња на месности како Злетово, Рударски Чукар, Јамиште, Рудева Нива, Рудиште, Рудина, Рупи, Ковилњак, Плавиште, Пералиште, Златар, Саса, Шлегово, претставуваат спомен за непрекинатата рударска традиција во регионот.
Традиционално, секоја година на големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, се одбележува Денот на рударите. Во градот Пробиштип може да се види единствениот музеј на ретки минерали во државата со автентични примероци од главните рудни минерали во регионот и носители на оловото и цинкот – галенит и сфалерит, кои редовно се следени од халкопирит, тетраедрит, тенантит, пирит, борнит и други минерали. Зачувани стари рударски алатки се изложени и во административната зграда на рудниците во градот. Рударството во овие краишта претставува традиција со сигурност стара две и пол илјади години, а најстариот активен рудник во Македонија – „Злетово“ продолжува со работата кон својот 100-годишен јубилеј. Среќно!
продолжува
М-р Никола Ристевски
(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)


































