Македонски комити

Македонската револуционерна борба од крајот на 19 и почетокот на 20 век и Илинденското востание земаат значајно место во колективното сеќавање на македонскиот народ и во неговата револуционерна традиција во борбата за создавање македонска држава. Најдобра потврда за тоа, но и на континуитетот на борбата за македонска држава, претставува фактот што Првото заседание на АСНОМ, на кое била конституирана македонската држава (на дел од територијата на османлиска Македонија, а во рамките на ФНР Југославија), се одржало токму на 2 август – денот кога започнало Илинденското востание. Не случајно во македонската химна се споменуваат дури четири имиња (Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев и Јане Сандански), кои претставуваат своевидни симболи на Организацијата што ја повела македонската борба за сопствена држава. Од 2007 година, 23 Октомври – Денот на основањето на Македонската револуционерна организација е прогласен за државен празник

Фељтон по повод 120 години од Илинденското востание (6)

Изгледа со толкувањата дека Македонец и Бугарин е едно исто, односно дека првиот е географски, а вториот етнички маркер, не би се согласил ниту Александар Цанков, кој во 1906 година пишува дека Бугарите се многу блиски со Македонците; дека бугарскиот народ е сроден со македонскиот народ; дека единствен грев на внатрешните македонски дејци за „завојувачката политика“ на генерал Цончев било што тие „остваруваат поинакви национални идеали“. Изгледа и кнезот Фердинанд во меморандумот до рускиот император од јуни 1903 година ја премолчил политичката желба и ја изнел реалноста, кога зборува исклучиво за „славјанско население“ во Македонија и дека „македонскиот народ… никако не се води од панбугарските идеи“.

Бидејќи творците на МРО, во основа, биле егзархиски воспитаници, а поголемиот дел од нив работеле во егзархиските просветни институции, сосема природно своите први активности ги насочиле кон „својата“ заедница. Според сведоштвата на повеќето современици, прва целна група бил „бугарскиот елемент“. Меѓутоа, при врбувањето на членството, за погодни ги сметале само оние што биле критички настроени кон егзархиската црковно-просветна политика во Македонија. Според првиот (спорен) устав од 1894 година, член на Организацијата можел да биде секој „Бугарин“. Според османлискиот милет-систем, тоа подразбира припадник кон егзархиската заедница. Меѓутоа, Организацијата, иако своето членство првенствено го мобилизира од егзархиската заедница, не само што не била лојална кон Егзархијата како институција туку истапува и како нејзина опозиција, истовремено третирајќи ја за орудие на бугарската пропаганда, која има цел во Македонија да создава Бугари.

Според уставот на ТМОРО што е изработен по Солунскиот конгрес (1896), член на Организацијата може да биде секој „Македонец“ и „Одринец“ (чл. 4). Истовремено, Организацијата изјавува дека ќе се бори „за премавнување на шовинистичките пропаганди и националните караници кои го цепат и обессилуваат македонското и одринското население во неговата борба против заедничкиот непријател“ (чл. 2) и дека има цел „да ги сплоти во едно цело сите незадоволни елементи во Македонија и Одринско, без разлика на народност“ (чл. 1). Определбата за борба против шовинистичките пропаганди и националните караници и заложбата за сплотување на сите незадоволни елементи, сугерира тенденција за обединување на македонското население околу идејата за автономија на Македонија под девизата „Македонија на Македонците“.

Според Христо Константинов, основачите на Организација, земајќи ги предвид пропагандите и нивните последици, ја прифатиле девизата: „Македонци, сплотете се во името на Македонија како Македонци!“ Со овој граѓански концепт за сплотување на сите незадоволни под името Македонец околу идејата за автономија на Македонија, Организацијата се издигнала над милет-системот, истовремено објавувајќи војна на сите пропаганди.

Таквиот курс кон пропагандите е задржан и во Уставот на ВМОРО (1905). Под влијание на интернационализмот, според овој устав е предвидено дека член на Организацијата може да биде „секој што живее во Европска Турција, без разлика на пол, вера, народност и убедување“ (чл. 5). Новина претставува определбата за спротивставување на сите стремежи за поделба и завладување на Македонија и Одринско од која било држава (чл. 2). Со ова Организацијата демонстрира суверенитет над својата територија, со што индиректно се јавува и како заштитник на суверенитетот на Османлиската Империја.
Според изворите, се добива впечаток дека Организацијата е воздржана во контекст на „националното“ прашање, односно е за зачувување на постојниот статус кво меѓу постојните конфесионални заедници, меѓутоа погледнато низ дискурсот за борба против шовинистичките пропаганди и елиминирање на националните караници, со заложба за сплотување на сите незадоволни под едно име и во името на една кауза, во најмала мера се работи за македонски протонационализам. Од друга страна, изворите бележат активности и манифестации што се во доменот на македонската национална идеологија.

Така, во 1899 година, за време на одбележувањето на празникот Св. Кирил и Методиј во Битолската егзархиска гимназија, активистите на ТМОРО ја искористиле свеченоста за своја политичка манифестација. Имено, по беседите на владиката Григориј и на директорот, на говорницата неочекувано се појавил учителот по историја Иван Цоков (член на ТМОРО), кој, критикувајќи ги претходните говорници, предложил „црковните книги да се преведат од црковнословенски на месен дијалект“ и воведување на македонскиот народен говор во училиштата. Епилогот од тој настан е итно отпуштање на Цоков, а потоа ученички бунт, затворање на пансионот и гимназијата, суспендирање на целиот наставнички персонал и исклучување засекогаш од сите бугарски училишта на 18 ученици. За затворањето на гимназијата провладиниот печат во Бугарија ја обвинил „локалната македонска интелигенција“, која поради својот „сепаратизам“, пројавила претензии од сите егзархиски училишта да се отстранат Бугарите од Кнежеството и „да се заменат со Македонци“.

(Продолжува)

Автор на текстот е проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев
од Институтот за историја