Да се живее во Скопје, да се има статусот на „скопјанец“, согледано од повеќе аспекти на македонската реалност, ги наметнува прашањата дали е тоа привилегија, предизвик или само патемна станица до некоја поперспективна дестинација. „Нова Македонија“ го објавува фељтонот „Скопје – утопија, визија, реалност“ на универзитетскиот професор, социологот Илија Ацески, кој преку свои студиски истражувања и анализи ги согледува корените на актуелните предизвици на македонската метропола, но и насочува на целите кон кои треба да се дејствува во плановите за негов развој

Фељтон: Скопје – утопија, визија, реалност (17)

Досегашните ГУП-ови на Скопје, ги има неколку, не одговорија на предизвиците, односно како да поттикнат еден урамнотежен развој на градот во однос на неговата околина и пошироко во државата како целина. Згуснувањето на централните делови претставува еден сериозен тип загрозување на околината, проследено преку процес на дегенеративна модерна архитектура и урбанизам, кои се проследени со многу недоследности во правната и урбанистичката регулатива. Со планот мора да се утврди кои зони и градби треба да се заштитат, а кои зони (градби) да се санираат

Градот Скопје е типичен пример на хиперурбанизирана средина, со видливи последици во негативна смисла, кои главно се одразуваат во квалитетот на животот. Резултатот на тој процес е видлив во формирањето на два спротивставени пола на развојот: центар и периферија. Центарот, како средиште, каде што се сконцентрирани речиси сите материјални и културни вредности на градот и регионот, и периферијата како запоставен и недоволно урбанизиран простор. Една од приоритетните цели на ГУП на Скопје треба да биде сконцентрирана во подобрување на животните услови на граѓаните. Потребни се сериозни плански интервенции за да се подобри квалитетот на животот и сериозни истражувања, кои, за жал, не постојат за Скопје.
Во тој контекст, една од целите на ГУП на Скопје е да ја согледа и објективно да ја лоцира потребата од позначајни интервенции на периферните делови од градот и оние делови каде што може реално да се насочи понатамошниот развој на градот, во насока на станбена изградба и дислокација на некои функции што се лоцирани во централното подрачје. Потребно е со новиот ГУП да се променат старите „дотраени“ урбанистички решенија и, што е уште позначајно, да се обезбедат правни механизми што ќе гарантираат дека во „иднина нема да може деталните урбанистички планови да се прават и да се менуваат во зависност од желбите на инвеститорите, без да се води сметка дали се почитуваат параметрите во генералниот урбанистички план и дилемите за тоа кој да го штити јавниот интерес“.

Процесот на планирањето е градот да се приспособи на новите околности, присутни по деведесеттите години на минатиот век, пред сѐ, предизвикани од процесот на приватизацијата, распаѓањето на институциите на стариот систем, отсуството на јасни правила во градителството. Приватните, поединечните цели во услови на транзициски промени почнуваат да ги потиснуваат општите, јавните интереси и цели. Тоа е видливо во многу сегменти во изградба на просторот.
Досегашните ГУП-ови на Скопје, ги има неколку, не одговорија на предизвиците, односно како да поттикнат еден урамнотежен развој на градот во однос на неговата околина и пошироко во државата како целина. Згуснувањето на централните делови претставува еден сериозен тип загрозување на околината, проследено преку процес на дегенеративна модерна архитектура и урбанизам, кои се проследени со многу недоследности во правната и урбанистичката регулатива. Со планот мора да се утврди кои зони и градби треба да се заштитат, а кои зони (градби) да се санираат.
Процесот на планирање на просторот мора да се реализира преку партиципација на граѓаните, кои треба да бидат објективно информирани и субјектите што ги носат плановите, каде што јасно се наведени корисниците за тоа што се прави. Процесот на изработката на ГУП претпоставува постојан дијалог со заинтересираните страни и експерти.
Не постои релевантна анализа за степенот на реализација на урбанистичките планови во изминатиот период, иако постои едно уверување дека само мал дел од проекциите на плановите се реализира, што го отвора сомневањето дека или се тие нереални, нестручни, неспроведливи и формални.
Планот мора да ги утврди главните приоритети во задоволување на основните потреби на мнозинството и им даде предност во нивно задоволување.
Урбаниот живот е далеку под нормите на еден достоен живот, а сиромаштијата и загрозеноста на животната средина се два елемента што го следат. Етничкиот фактор директно упатува на прашањето како е можен животот во етнички мешаните градови.
ГУП е стратегиски документ што мора да ја потенцира важноста на урбанистичкото уредување во насока на здрава средина за живеење, имајќи ги предвид наведените фактори што учествуваат во формирањето на реалниот живот во градот.
Климатските промени мора да се разберат во поширока смисла како причинско-последичен однос. Подготовката на ГУП треба да биде во функција на неоспорните сознанија дека за кратко време може да дојде до зголемување на температурата, што многу негативно ќе се одрази во нормалното функционирање на градот. Процесот на девастација и загрозување на просторот се продлабочува. Причини за тоа има многу, меѓу кои: потиснување на творечките потенцијали во креирање простори за кои се пожелни експерти и институции, а кои најчесто се заменети со административни, долги процедури околу издавањето дозвола за градба, злоупотреба на положбата на администрацијата и корупција, кои вообичаено се присутни.

Планските документи обилуваат со недоречености и нелогичности кога ќе дојдат во фаза на применливост, без притоа да се воочи специфичноста на секое поединечно решение, иако тие документи поминуваат низ повеќе институции, но често не се разгледуваат во целост, што упатува на лошо поставен процес на донесување планови, немање јасни процедури и неопходни одговорности.
„Квалитетот на животот“, во процесот на подготовка на урбанистичките планови, е категорија што не е доволно вградена во законите и не е обврзувачка. Се добива впечаток дека планерите не ги интересира правото на лесна достапност на чист воздух, слободен поглед кон околината, каде да се фрли домашниот отпад, слободен простор за активност што е во функција на здравјето на оние што живеат во тој дел од градот, социјален живот и сл.
Кога целината и визијата се замаглени и нејасни, како резултат на дневнополитичките потреби на партиските и парцијалните интересни групи за брзо богатење, градот се претвора во опасно и непристојно место за живеење каде што несигурноста и хаосот, нечистотијата, криминалот ги задушуваат човечката енергија и желбата за подобар живот.
Визијата за одржлив град, која треба да биде вградена во ГУП на Скопје и која треба да се базира врз формирање соработка помеѓу економијата и екосистемите и во вреднување на еколошката, економската, но и културната разновидност, треба да доведе до состојба на сигурна и здрава средина во функција на човековите активности. Тоа е возможно со примена на холистичко планирање во сферата на користењето на просторот, транспортот, домувањето, квалитетот на воздухот, економскиот развој и сл.
Во примената на планските решенија треба секогаш да се има предвид фактот дека градот претставува целина што претпоставува единствено управување со целиот простор и одржување на системите како целина, без разлика дали станува збор за формирање „зелена мрежа“, инфраструктура, транспорт и сл.
Планерите, архитектите и урбанистите се претворени во еден вид „сервис“ на владејачките групи и обидот тие да се доживуваат на друг начин се чини дека е апсурден, тие не поседуваат самостојна улога затоа што се зависни од оние што административно се најдуваат на повисока позиција од нив.
Генералниот план треба максимално да ја поедностави интервенцијата во просторот во корист на јавниот интерес и по принципите на здрав и одржлив град со максимална примена на модерната технологија, со што ќе ги обесхрабри поединечните интереси поттикнати од профит и брза заработувачка.

Планирањето е под постојан притисок на влијанија од бизнисот и политиката, што води во импровизација при спроведување на планот, базиран на градежни парцели, а не реални потреби, проследени со многу измени на плановите, што доведува до противречни постапки, за што никој не сноси одговорност.
Зошто е важна зелената архитектура во осмислувањето на визијата на урбанистичките планови. Пред сѐ, станува збор за концепт на архитектура што се базира врз одржливи енергетски извори, соодветни градежни материјали и заштеда на енергија и, што е посебно значајно, поставување зграда во однос на нејзиното влијание на животната средина. Целта на зелената архитектура е да го минимизира влијанието на зградите/објектите врз урбаниот екосистем.

(Крај)