Изборите како алфа и омега на демократијата

Серијалот „Политиката низ призмата на изборите, партиите и демократијата“ од авторот Сотир Костов обработува актуелни теми од нашето општествено, политичко, економско и социјално битисување. Имено, за читателите на „Нова Македонија“, политичката редакција заедно со авторот грижливо одбра извадоци од книгите „Политичката партија како бренд концепт – организација која учи, напредува, знае и умее“, „Бренд концепти (concepting) за политичко мајсторство и изборна заводливост“ и „Изборни кампањи – мотивирање, инспирирање и стратегии за победа“. Книгите се напишани и издадени минатата година и во нив се претставени најновите достигнувања на политичкиот и социјалниот маркетинг, како и на политичкото и персоналното брендирање, соодветно применливи во изборните трки за парламентарни, претседателски и локални избори. Во пресрет на претседателските и парламентарните избори во нашата земја, редакцијата оцени дека токму овој избор на текстови, систематизиран во еден краток фељтон, на читателите ќе им обезбеди соодветна ефикасна алатка за суштинска и објективна опсервација на политичките движења и трендови во Македонија при анализа и синтеза на плимата политички настани

Политиката низ призмата на изборите, партиите и демократијата (6)

Демократијата е незамислива без избори што се одржуваат во согласност со конкретни принципи што го одредуваат нивниот демократски статус. Принципите претставуваат конкретен аспект на Европското изборно законодавство, кое ЕУ популарно го нарекува „Европско изборно наследство“. Ова изворно законодавство вклучува два аспекта: Уставните принципи на изборниот закон,се основниот аспект, а тоа се правото на универзално, еднакво, слободно, тајно и директно гласање; Остварени одредени основни услови на демократската држава е вториот аспект што гарантира вистински демократски избори, а се состојат во владеењето на правото, како што се фундаменталните права, стабилноста на изборниот закон и ефективните процедурални гаранции. Поконкретно кажано, контекстот на првиот принцип се дефиницијата и практичните импликации од принципите на европското законодавство, а вториот аспект всушност ги содржи неопходните услови за нивна примена.
Под поимот „избори“, во најширока смисла, се подразбира низа од постапки во кои поединците избираат претставници што ги овластуваат во одредено време наместо нив да донесуваат одлуки. Оваа дефиниција на изборите е генерална и ги опфаќа како изборите во невладините организации така и изборите за локалните претставници во општините и изборите за највисокото претставничко тело – парламентот.
Треба да се кажат и збор-два и за изборниот систем. Во потесна смисла на зборот, изборниот систем е со закон регулирана техника или начин на трансформирање на изборните гласови во пратенички или друг вид мандати. Тоа е еден вид формула – модел или техника на пребројување на гласовите и нивно трансформирање во мандати. Во поширока смисла на зборот изборниот систем ги опфаќа правилата и постапките што се однесуваат на сите изборни процеси. Најконкретно се мисли на правила што ги регулираат прашањата поврзани со изборната организација. Во нив спаѓаат: Правила за распишување на изборите, утврдување на ден кога ќе се извршуваат изборите, утврдување на кандидатските листи и независните кандидати, водењето и ажурирањето на избирачкиот список од надлежни органи, правилата за организирање и работа на изборната администрација, организирањето и водењето на изборната кампања, правила за медиумско претставување на кандидатите, правни лекови и постапка за заштита на избирачкото право, правила за финансирање на изборната кампања, правила за поднесување приговори и тужби по завршување на изборите, правила за официјализирање на изборните резултати и слично. Овие правила и принципи на изборниот систем ги прават изборите слободни, фер, демократски и кредибилни.
Институцијата избори има длабоки и широки корени. Така, во дванаесеттиот век во некои западноевропски земји за првпат се користени прецизни правила за начинот на избор на претставници во работењето на црковните собори. Слични правила се применувале и при изборот на претставници во Собранието на сталежите. Иако изборите се извонредно стара институција, генерализацијата на изборите како средство за учество на граѓаните во Западна Европа и САД во конституирањето на политичката заедница, придобивка е на деветнаесеттиот век.
Сѐ до крајот на деветнаесеттиот век од избирачкото право биле исклучени жените, верските и расните малцинства, но и најсиромашните. Но веќе во првите децении од дваесеттиот век избирачкото право доживеало квалитетна трансформација, со тоа што станало универзално, еднакво, слободно, трајно и директно. Таквото избирачко право денес е камен-темелник на демократијата.

Доколку изборите ги следат заедничките принципи на европското уставно наследство, што претставува основа на секое вистинско демократско општество, тие мора да почитуваат пет фундаментални правила, според кои правото на гласање мора да биде:
Универзално. Правото на универзално гласање ги опфаќа како активното, така и пасивното изборно право. Првото е право на глас, а второто е право за кандидирање на избори. Во основа, тоа значи дека сите луѓе имаат право да гласаат и да се кандидираат за избори, при што треба да бидат исполнети одредени услови;
Еднакво. Еднаквоста во однос на гласачките права бара на секој гласач да му биде овозможено правото на еден и единствен глас. Ова подразбира: а) еднакво право на глас – секој гласач, во основа, има еден глас; б) еднаква моќ на гласање: избирачките места мора да бидат еднакво распоредени меѓу избирачките единици;
Тајно. Тајноста на гласањето е еден аспект од слободата на гласачот, а нејзина цел е да се заштитат гласачите од притисоците со кои можат да се соочат доколку другите дознале како тие гласале. За гласачот тајноста на гласањето не е само право, туку и должност.
Гласањето мора да биде индивидуално. Тоа значи дека семејното гласање и каква било друга форма на контрола на гласањето од еден кон друг гласач мора да биде забрането. Прекршувањето на правото на тајно гласање секогаш мора да биде санкционирано;
Слободно. Слободното гласање се состои од два различни аспекта: слободно формирање на гласачкото мислење и слободно изразување на ова мислење, односно слобода на гласачката процедура и прецизна процена на резултатот;
Директно. Со остварувањето на правото на директно гласање всушност мора да бидат избрани: највисокиот законодавен дом – парламентот, локалните власти – советите и градоначалниците, а кога е предвидено со Уставот и/или Изборниот закон и претседателот на државата.
Покрај овие пет основни карактеристики на избирачкото право, Меѓународниот договор за граѓански и политички права (член 25б) и Дополнителниот протокол на Европската конвенција за човекови права (член 3) утврдуваат дека изборите мораат да се одржуваат периодично. Вообичаено, локалните и парламентарните избори се одржуваат на секои четири години, а претседателските на интервал од четири до седум години.
Напред наведените фундаментални принципи на изборните системи и во тој контекст на општото право на глас може единствено да бидат гарантирани доколку се исполнети одредени општи услови. Тие се: Почитување на фундаменталните човекови права, а особено слободата на изразување и здружување, без кои не постои вистинска демократија; Изборниот закон мора да ужива извесна стабилност, заштитувајќи се од партиски, политички и секаков друг вид манипулација; Мора да бидат определени потребните процедурални гаранции, особено во однос на организацијата на гласањето.

Почитувањето на петте водечки принципи на избирачкото право е суштинско за демократијата. Тоа овозможува демократијата да биде изразена на различни начини, но во законски определени граници. Поточно, принципите мора да бидат сместени во нивниот контекст и мора да биде гарантиран кредибилитетот на изборниот процес. Во овој контекст два момента се многу битни: прво, фундаменталните права мора да бидат почитувани, и второ, стабилноста на правилата мора да биде таква што ќе исклучи секаков сомнеж за манипулација. Ова подразбира, процедуралната рамка да овозможува определени правила да бидат имплементирани на ефикасен начин, што го гарантира квалитетот на изборите, пред сѐ гледано и проценувано низ призмата на „слободни“, „фер“, „демократски“ и „кредибилни“ избори.
Во Македонија за 34 години демократија (од 1990 г. до 2024 г.) се одржани 10 парламентарни избори од кои пет се редовни и исто толку – пет, се вонредни. За истиот период од 34 години се одржани се седум локални избори и три референдуми, и шест претседателски избори. Еднаш, во 1990 г. локалните и парламентарните избори биле во иста година, двапати заедно биле парламентарните и претседателските избори (1994 г. и 2014 г.) и еднаш заедно биле претседателските и локалните избори (2009 г.). Неминовен заклучок е дека во 34 години демократија, 21 една година имаме избори (парламентарни, локални, претседателски, референдуми) и сите знаеме какви беа тие од аспект на напред наведените квалификативи.

Сотир Костов

(продолжува)