Фото: „Нова Македонија“

ФЕЉТОН „ОД ЃУРЃОВДЕН ДО МИТРОВДЕН“

  • Историските преданија за Гоце Делчев (трет дел)

Историските преданија за Гоце Делчев, како многу важен дел од македонската фолклористика, овозможуваат увид во колективните спомени на македонскиот народ за ликот и делото на Делчев. Неговата организаторска и револуционерна дејност, која е прикажана не само во историските податоци туку и во преданијата, оставила голема трага на овие простори. Првата посериозна научна студија за историските преданија за Гоце Делчев е напишана од Танас Вражиновски, кој со својата работа во минатиот век го има истрасирано патот на идните истражувачи. Студијата е објавена во големата книга со материјали од симпозиумот одржан во 1972 година во Штип по повод стогодишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Во оваа епизода од нашиот фељтон продолжуваме каде што застанавме во претходното продолжение.
„Во народната меморија особено се интересни средбите на Делчев со Назлам-бег. Тој, според преданијата што постојат, се сретнал со бегот неколкупати, но последната нивна средба во Солун, за која постојат две верзии, завршила со смртта на бегот, според првата верзија, а според втората – бегот полудел.
За нивната прва средба постои следното предание: „Кога се зададе бегот, излезе Гоце – којно го фатил за уздата. Којно игра, ама на Гоце раката здраво држи. И бегот на колена пред него:
– Гоце, ти бог, ти татко, пушти ме!
Блага душа беше… Дванајсет дена бекчето стоеше до Гоце, во колибата, глава до глава. Спроти тринајсетиот ден една кутла злато носеа да ни дадат. На Гоце му беше недобро и заспива. Бекчето станало, излегува на двајсетина метра. Кога видел дека нема никој, се врна. Извади од под перницата на Гоце – перница нема никој, се врна. Извади од под перницата на Гоце – перница нема никој, се врна. Извади од под перницата на Гоце – перница не, ама папрат имаше – наганта и офејка!“
Назлам-бег беше прочуен со својата жестокост и безмилост кон населението. За време на една средба со него, Делчев го предупредил дека ако продолжи да го угнетува населението ќе го убие.
Според првата верзија, до нивната повторна средба дојде во хотелот „Париз“ во Солун. Делчев, преоблечен во бозаџиски алишта, влезе во хотелот, односно во хотелскиот ресторан. Назлам-бег веднаш го познал, но задоцнил да им јави на другите бегови што се наоѓале во ресторанот кој е всушност бозаџијата. Назлам-бег падна мртов. Во преданијата смртта на бегот е доста таинствена, бидејќи не дознаваме ништо конкретно, на каков начин дојде до неговата смрт: „Кога Назлам-бег паѓа мртов на земјата, сите бегови се натрчуваат, што е како е. А Гоце Делчев му тура боза во устата и вода по главата за да го освести. Беговите ништо не запазиле за Гоце Делчев, бидејќи и тој помага да се спаси Назлам-бег“. Според втората верзија, Гоце се среќава со Назлам-бег во Солун пред кафеаната „Коломбо“. Бегот и тука го познава Делчев. Делчев плашејќи се да не го предаде на полицијата, не го убива бегот. Делчев му вели:

– Ти нè познаваш и знаеш дека сме во Солун. Само ако ѝ јавиш на полицијата за нас, ќе има да патиш! На тоа бегот ќе му одговори:
– Капетан ефенди, ако излезе збор од мене, прави од мене што сакаш!
Бегот, се разбира, ќе постапи така, како што ветил, но: „Другата вечер разбравме дека Назлам-бег полудел!“
Слично по содржина е и преданието „Гоце Делчев и Акиф-бег“. Во овој случај само ќе го наведеме разговорот на беговите што присуствувале на погребот на Акиф-бег, кој „од голем страв паѓа на земја и умира на место“.
„Ту олан Акиф-бег избегал од Струмица од тој пезевенк Гоце Војвода и сега дошол во Солун да му ја земе главата“. Другиот рекол: „Не, бе така, ефенди бег, Гоце не му ја зел главата, туку, како што кажува татко му, Акиф од страв битисал“. Третиот рекол: „И ние, жими Нана, вака ќе битисаме оти, не гледаш ли, каурите дигнале глава, а тој пезевенк Гоце каков човек е – ни пиле да го стигне, ни вода да го однесе, ни куршум да го прониже, целата царска војска ја дигнавме на нозе и фајде нема, а сега ќе ги дигаме и овие црни Арапи, па ако и тие ништо не направат, тогаш не знам што ќе се прави. Затоа јас велам и ние вака ќе битисаме“.
Овој краток разговор на беговите, секако, ни ја илустрира атмосферата што владеела во Македонија пред самото востание. Досегашните бегови, кои досега беа господари на цела Македонија и, благодарение на својата сила, не знаеле што значи страв од „каурин“, наеднаш се освестиле дека и кауринот може да ја крене раката против нив. Нивната господарска положба почнала да се колеба, а нивното постоење е загрозено, бидејќи се најдоа сили што почнале да ги рушат темелите на нивната семоќна власт.
Преданијата се пренесуваат од поколение на поколение. Кога расказот-спомен односно народното кажување почнува да преминува во чисто предание со навлегувањето на некои општи мотиви што ги носат со себе новите поколенија, а сведоците на настаните уште живеат, доаѓа до извесни недоразбирања меѓу постарите, сведоците на настаните, и младите, кои на свој начин ги интерпретираат настаните:
• Кога беше затворен Гоце – раскажуваат младите – Турците сакале да му ги продадат коњот, пушката и сабјата, а мајка му отишла во затворот и го викала: „Стани, стани Гоце…“
• Не во затворот, море! – се бунат старите. – Кога го пронизали со куршум, Турците сакале да му продаваат кончето и пушката. Тогаш мајка му жално редила над гробот:
Стани, стани Гоце Делчев,
телјарина рука,
кончето ти продаваат, Гоце
за илјада гроше!
Две илјади давам, мамо,
кончето си не давам,
кончето ми треба, мамо,
земја да отнемам,
земја поробена.
Како во овој пример така и во погорниот, раскажувачот намерно се служи со извесни цитирања на некои делови од односната песна, во која е испеан настанот за кој станува збор во преданието. За историските преданија е карактеристично тоа што раскажувачот смислено се обраќа кон песната, цитира делови од неа. При вакви случаи песната исполнува неколку функции: пред сè, ја поткрепува вербата во соопштеното, ја потцртува смислата на расказот, појасно го разоткрива ликот на јунакот, појасно ја укажува опасноста.
На целиот наш народ, животот на Делчев му беше драг како својот, сопствениот живот. Во најтешките моменти и, навидум неизлезни моменти, народот му укажувал секаква помош, и тоа успешна, само и само да не падне во рацете на непријателот. Народот знаеше да го цени животот на Делчев, знаеше што би значело за судбината на Македонија ако некој ден него го снема. И затоа со секакви средства, загрозувајќи го својот сопствен живот, го чуваше животот на својот водач…

М-р Никола Ристевски

(продолжува)