Фото: Пиксабеј

Сликата за агентката Кларис Стерлинг, која во легендарниот филм „Кога јагнињата ќе стивнат“ со шепот го убедува Ханибал Лектор да соработува во полициската истрага е навистина возбудлива. Сепак, таа е само фикција. Сериските убијци во улога на еден вид полициски „советодавачи“ може да решаваат загатки, но најчесто тоа важи само за загатките што се однесуваат на нив самите, пишува за „Сајколоџи тудеј“ д-р Кетрин Ремсленд.

Тед Банди се понуди да помогне во истрагата за убиецот од Грин Ривер во 1984 година. Очајно сакајќи да ја докаже својата неверојатна проникливост, тој намами тим детективи од Сиетл во неговиот затвор во Флорида за да го слушнат неговото размислување. Читаше некои од извештаите и ги нудеше своите размислувања, но главно се вртеше околу идеите на сопствениот предаторски „модус операнди“. Детективот Роберт Кепел го искористи синдромот на грандиозност на Банди за да собере информации токму за него. Озлогласениот сериски убиец не помогна да се идентификува, ниту да се зароби убиецот од Грин Ривер. Гери Риџвеј беше фатен во 2001 година – со помош на примероци од ДНК.

Слично беше и во случајот на „убиецот со кутијата со алатки“, Рој Норис, кој не успеа да му посочи на детективот Роберт Соуза ефикасен начин за фаќање на Бил Бонин, „убиецот од автопатот“. Во 1979 година, Норис, заедно со Лоренс Битекер мачеше и уби пет млади жени. Тој се согласи да соработува со полицијата во замена за одредени бенефиции во затворот, па Соуза се надеваше дека ќе има помош од него во расветлувањето на низата убиства на млади мажи, која претставуваше голема загатка за органите на прогон. Норис призна дека имал читано за овие случаи во весниците. Тој му кажа на Соуза дека убиецот најверојатно има партнер (како и тој самиот) и вози комби со лизгачка врата (исто како и тој), за полесно да ги киднапира своите жртви. Му кажа и дека убиецот однапред имал испланирано каде ќе ги фрла телата. Соуза беше импресиониран, но немаше никаква корист од насоките на Норис. Имено, Бонин беше фатен со помош на еден од неговите бројни помошници во злоделата.

Секако, од злосторниците може доста да научиме. Затворскиот психолог д-р Карл Карлајл изврши длабинска проценка на Тед Банди, Артур Бишоп и други сериски убијци, развивајќи притоа теорија за нивната способност за водење двоен живот, која многу помогна во објаснувањето на психолошката динамика на злосторниците, кои во секојдневието се општествено сосема функционални. Сепак, во ниедно од своите интервјуа со психологот, тие не покажале талент или способност за продуктивна истражувачка соработка.

Во текот на 1980-тите, агентите од Одделот за бихејвиорална наука на ФБИ започнаа со креирање на своја колекција на криминални автобиографии. Додека бил на терен и ги поучувал локалните полициски службеници околу анализа на однесувањето, Роберт Реслер одлучил тој и неговиот партнер Џон Даглас да ги посетат локалните затвори и да интервјуираат престапници со тешки криминални дела. Неговата замисла беше да смислат протокол на прашања и да добијат детални одговори, а потоа да основаат база на податоци за особините и однесувањата што се заеднички за овие престапници. Двајцата се надеваа дека ќе соберат информации за тоа како биле планирани и извршени убиствата, што направиле убијците потоа, какви фантазии имале и што правеле пред следното убиство. Меѓу нивните испитаници беа Едмунд Кемпер, Џером Брудос и Ричард Спек. На тој начин, агентите навистина дознаа за нешта како што се мотивациска улога на сексуалните фантазии, степени на сеќавање, нивоа на зависност, начини на самооправдување и за тоа како „модус операнди“ кај убиецот може да еволуира. Сепак, во ниту една од отворените истраги не се покажа директна корист од вклучувањето на забелешки од осудени убијци.
Неколку децении подоцна, ТВ – серијата „Мрачни умови“ побара од сериските убијци Кит Џесперсон (со кодно име Гавран) и Џоел Рифкин (со кодно име 13) да дадат мислење за неколку епизоди со нерешени убиства. Истражувачкиот новинар М. Вилијам Фелпс и криминалистичкиот профилист Џон Кели ги презентираа резултатите од случајот. Иако Фелпс инсистираше на тоа дека „во текот на осумте епизоди, Рифкин (13) навистина даде непроценлив придонес во серијата, бидејќи даде увид во нештата кој никој друг не би можел да го даде“, Дејвид Хинкли за „Њујорк Дејли Њуз“ изјави: „Сепак, главно разочарување е што се чини дека „13“ нема сознанија кои драматично се разликуваат од оние на другите психолошки профилисти, користени во други слични телевизиски програми“.
Еден од случаите каде Гавранот беше поканет да советува беше и оној за „Ноќниот демнач“, убиецот кој ја тероризираше Калифорнија од средината на 1970-тите до средината на 1980-тите, извршувајќи 50 силувања и 10 убиства. Сепак, она што овозможи апсење на Џозеф ДеАнџело во 2018 година, беше иновативниот метод на генеалошка ДНК. Ниту еден од советите на Гавранот не се покажа како важен или доволен – па дури ни како особено корисен – во текот на решавањето на овие случаи.

Да заклучиме: колку повеќе истражуваме и дознаваме за сериските убијци, толку е помала веројатноста дека ќе утврдиме оти некој од нив поседува толку исклучителна интуиција во однос на другите убијци, што би ги поттикнала органите на прогон да им достават целосни извештаи за случаите што се водат. На крајот од краиштата, терминот „сериски убиец“ е само опис на однесување (најмалку две убиства во две одделни прилики), со многубројни варијации во однос на мотивот, развојните фактори и начинот на криминално дејствување. Колку и да звучи примамливо помислата дека за да фатиме убиец ќе ни треба друг убиец, во реалноста тоа не е така.
Дури и ако се согласиме со идејата дека некои (малкумина) од сериските убијци имаат особено силна интуиција, која може да биде корисна за нерешените случаи на убиства, од она што го видовме досега, тешко е да се поверува дека таа би била уникатна, односно нешто што може да се најде само кај нив.

Подготви: Валбурга Батева Николоска