Селекторот Зоран Рогановиќ за првите две средби во Подгорица повика 25 играчи, а од 2 јануари репрезентацијата ќе биде комплетна, пред настапот на ЕП, во групата со Македонија, Данска и со Словенија

РАКОМЕТ – ВО ПРЕСРЕТ НА ЕП 2022

Машката ракометна репрезентација на Црна Гора денеска ќе ги почне подготовките за претстојното Европско првенство (ЕП) во Унгарија и во Словачка во јануари 2022 година, а следната недела ќе одигра и два контролни дуела со Кувајт и со Косово. Црна Гора на ЕП е во групата А во Дебрецен, заедно со Македонија, Данска и со Словенија, од каде што првопласираните две ќе играат во втората групна фаза. На списокот на селекторот Зоран Рогановиќ, за пријателски натпревари има 25 играчи.
– Подготвен е комбиниран состав на ракометари што ги завршиле обврските во клубовите. Во него има играчи што дадоа голем придонес во квалификациите за ЕП, а ќе работат во посебен режим на тренинзи. Има и играчи што досега не биле во А-тимот или не биле дел од акцијата подолго време, поради неможноста да се соберат во поширок состав поради пандемијата на ковид-19. Убеден сум дека на најдобар начин ќе ја искористиме претстојната недела – изјави Рогановиќ за Ракометниот сојуз на Црна Гора.
Од 7 до 9 јануари, Црна Гора треба да настапи и на турнирот во Швајцарија, каде што покрај со домаќинот ќе игра и со Украина и со Португалија.
– Од 2 јануари ќе бидеме во комплетен состав, откако преостанатите репрезентативци ќе ги завршат клупските обврски. На тој собир сметаме на 16 играчи што ќе ја претставуваат Црна Гора на ЕП – вели Рогановиќ.
Состав: голмани: Никола Матовиќ, Јагош Брауновиќ, Миле Мијушковиќ. Крила: Филип Вујовиќ, Воислав Вукиќ, Балша Чејовиќ, Мирко Радовиќ, Јован Абрамовиќ. Бекови: Васко Шеваљевиќ, Милош Божовиќ, Стеван Вујовиќ, Божо Анѓелиќ, Бранко Вујовиќ, Александар Гленџа, Арсеније Драгашевиќ, Василије Калуѓеровиќ, Радојица Чепиќ, Божидар Симиќ, Богдан Николиќ, Лука Вукичевиќ. Пикери: Немања Грбовиќ, Небојша Симовиќ, Вук Лазовиќ, Миодраг Чоршовиќ, Лука Вујовиќ.