Безбедносните експерти и политичарите немаат одговор зошто Русија ја води војната во Украина со помалку од половина сила и зошто не ја уништува украинската инфраструктура, мостови, железнички мрежи преку кои се пренесува оружје од Запад

Кои се следните потези на руските воени сили во Украина

Руската војска е длабоко незадоволна со новата и ограничена стратегија со која претседателот Владимир Путин нареди да ја освои Украина, по откажувањето од големата цел за освојување на Киев, поради многу поскромната инвазија на источен Донбас, објави „Москов тајмс“. Словенечкиот претседател Борут Пахор во разговор за германски „Дер шпигел“ истакнува дека украинската војна може да ескалира затоа што Русија е подготвена на тешки жртви за да победи. Неодамна се појави информација дека во Украина бројот на загинати војници што се припадници на малцинските заедници е несразмерно голем во однос на руските. Во таа насока и „Њујорк тајмс“ го постави прашањето зошто Путин во Украина дејствува толку воздржано, кога станува збор за воената операција. Бен Валас, британскиот министер за одбрана, изјави дека Путин би можел да го искористи 9 Мај, Денот на победата над фашизмот, за да прогласи дека сега е во војна со светските нацисти и мора масовно да го мобилизира рускиот народ. Ова е едно од сценаријата за кои се загрижени на Западот, бидејќи таков напад подразбира и можност, поради грешка или свесно, воените операции да ги поминат границите на НАТО.
Одговорот е слоевит и вклучува, меѓу другото, докажана неспособност на руската војска.
– Ова е чуден и посебен вид војна. Русија си постави многу строги ограничувања, а тоа не може да се објасни на кој било начин, што остава простор за многу прашања, пред сѐ, меѓу руските граѓани – изјави Дмитри Тренин, доскорашен директор на истражувачкиот центар во Москва, кој е затворен по барање на руските власти.
Тој нема одговор на прашањето зошто Русија ја води агресијата со помалку од половина сила и зошто не ја уништува украинската инфраструктура, мостови, железнички мрежи преку кои се пренесува оружје од Запад. Ова е чудно и не можам да го објаснам – вели Тренин.

Дел од одговорот може да се извлече од изјавата на Игор Деканиќ, енергетски стручњак, кој вели дека нафтоводите и гасоводите се последните работи што ќе бидат уништени. Ова се инфраструктури што им служат на двете завојувани страни. Русија испраќа преку Украина гас и нафта на најважниот купувач Европа. Украина не ги уништува гасоводите, затоа што смета дека ќе ѝ бидат потребни по војната, но од Русија редовно добива пари за транспортни трошоци.
Неименувани функционери во Вашингтон толкуваат дека една од причините е силната украинска противвоздушна одбрана, која е поефикасна колку што руските авиони навлегуваат подлабоко на нејзиниот простор. Стручњаците наведуваат дека тешкотиите на кои наидуваат руските единици е што проектилите и ракетите со системи за наведување не се прецизни. Некои соговорници сметаат дека Москва се воздржува од сериозно уништување на украинската инфраструктура, бидејќи се надева дека ќе ја стави под контрола целата земја и со тоа ги избегнува големите трошоци за обновување. Најверојатно, Путин не сака да ја уништи железничката инфраструктура затоа што на тој начин ќе го оневозможи и брзото префрлање на сопствените сили и опрема на украинска територија.
Самуел Шарап, поранешен функционер на Стејт департментот, а сега аналитичар, не верува дека НАТО без штета ќе се извлече од судирот, иако не учествува директно, но испраќа оружје за Украина.

– Никој не знае каде е црвената линија. Мислам дека ни Русите не знаат, затоа што сме во непознати води – изјави тој.
Неименувани извори велат дека НАТО успеа да го спречи Путин од возвраќање и во Кремљ се свесни дека руската војска не може да се справи со широка војна со Северната воена алијанса и затоа не сакаат да дадат директен повод за судир. Кога станува збор за кибернетски напади, во кои Русија повеќепати покажа сила, експертите сметаат дека Путин оваа карта ќе ја искористи за подоцнежната фаза на војната, особено ако во игра биде и можното прогласување општ напад на Украина.
– Општо е мислењето дека сака да оствари некаков вид победа од овој дебакл – изјави американски функционер од одбраната.
Дмитриј Тренин тврди дека Путин и натаму е базично рационален и не остава впечаток на лице што би учествувало во нуклеарна војна, со „манијакална одлучност да го уништи човештвото“. Тренин, кој прецизно предвиде дека руската војска ќе наиде на големи проблеми во нападите на Украина, изразува надеж дека е во право кога станува збор за Путин и нуклеарната војна.

Шефот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) изјавил дека засега нема докази дека Русите планираат да распоредат или употребат тактичко нуклеарно оружје во Украина, пренесуваат медиумите во регионот.
По инвазијата на Украина, која започна на 24 февруари, Русија објави дека го ставила својот нуклеарен арсенал во состојба на висока готовност, пишува Би-би-си.
Со оглед на тоа каков вид оружје штрака, се разбира дека нема да ја прифатиме лесно оваа можност. Ние внимателно ќе ја следиме ситуацијата, особено во време кога влоговите за Русија се многу високи – изјавил Вилијам Барнс на конференцијата организирана од „Фајненшл тајмс“.
Според него, рускиот претседател Владимир Путин е убеден дека уште посилни напади врз Украина ќе ги подобрат неговите шанси во војната.

Подготвил: Митко Јовансовски