Вкупно 14 лица во државата досега не ја почитувале забраната за движење во шума без одобрение. Вака одговорија од МВР на прашање од МИА, во врска со тоа колку лица биле затекнати во шума, во време на забрана за движење без одобрение. Забраната за движење во шума без одобрение, беше донесена на 15 јули како превенција од пожари.
– За непочитување на забрана за движење во шумски предели односно за движење без одобрение во шума за време на забрана, на 14 лица (по четири лица затекнати на подрачје на планина Беласица – Струмица и Градечка Планина – Валандово, три лица на планина Огражден – Пехчево, две на подрачје на Неготино и едно на подрачје на Крива Паланка) им се издадени записници за констатиран прекршок по Закон за шуми, што ќе бидат доставени до подрачни единици на Шумска полиција за понатамошно постапување – се вели во писмениот одговор.
На прашање од МИА, СВР Велес одговори дека за време на забрана за движење во шума, на подрачјето на СВР Велес има затекнато две лица кои не ја почитувале забраната.
Настанот бил случен на 23.07.2024 во 16.10 часот на локалниот пат кон село Калањево, неготинско. Таму од страна на полициски службеници од ОВР Неготино, било запрено патничко возило „мерцедес“ со неготински регистарски ознаки управувано од В.Т.(24) и сопатник В.Ч.(25) и двајцата од Неготино, кои се движеле во шума без дозвола за движење. По документирање на настанот против нив била поднесена соодветна пријава, се појаснува во писмениот одговор.
На 15 јули, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по барање на ЈП „Национални шуми“, даде согласност за воведување на целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште.
– Ваквата согласност се дава согласно членот 57, став 3 од Законот за шумите, поради зголемена опасност и превенирање од појава на шумски пожари на отворен простор. Целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште се воведува на територијата со која стопанисува ЈП „Национални шуми“ и истата започнува од 15.07.2024 година и ќе трае се до денот на нејзиното отповикување, во терминот од 06:00 до 20:00 часот. Целосната забрана за движење во шумите ќе трае се до проценката дека ризикот од шумски пожари е намален. Движењето во шумите ќе биде дозволено единствено со писмено одобрување издадено од страна на подружниците на ЈП „Национални шуми“, за подрачјето со кое управуваат – соопштија тогаш од Министерството.
Притоа беше појаснето дека за непочитување на оваа целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште, на физички лица кои ќе се затекнат да се движат во шума и шумско земјиште, согласно член 106 од Законот за шумите, ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противредност.