Џо Бајден вети да стави крај на изолационистичкиот, уривачки пристап кон надворешните односи на Доналд Трамп. Но, за обидот на администрацијата на Бајден за обновување на американското лидерство ќе бидат потребно време и политички капитал, во ситуација кога глобалната улога на суперсилата се соочува со сомнежи дома и во странство, пишува „Фајненшл тајмс“.
Додека дипломатите веројатно нема наскоро да ја слушнат фразата „Америка на прво место“, Бајден ќе се соочи со предизвици, вклучувајќи го справувањето со Кина, обновување на нуклеарниот договор со Иран, враќање на односите со Европа и справување со влијанието на брегзит врз односот со Обединетото кралство.
– Бајден ќе сака да ги обнови сојузништвата во Европа кои Трамп во повеќе наврати ги отфрлаше. Бајден се гордее со ирското наследство и ќе се оттргне од отворената нетрпеливост на Трамп кон ЕУ. Бајден исто така ќе биде силен поддржувач на НАТО – се наведува во анализата на „Фајненшл тајмс“.
Треба да се очекуваат настани кои ќе го стават системот на сојузништва направен по Втората светска војна во центарот на американските односи со остатокот од светот, почнувајќи од напорите за предводење на глобалниот одговор кон пандемијата. Но, Бајден може да се соочи со потешкотии во поглед на прашањата поврзани со Кина, брегзит и со трговските врски, додека новиот американски претседател вети и поцврст пристап кон Русија.