Ковид-19 ги влоши страдањата на милиони лица без државјанство низ светот, предупреди денес Високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди. На одбележувањето на шестгодишнината од кампањата на УНХЦР „Јас припаѓам“, чија цел е ставање крај на бездржавјанството до 2024 година, Гранди ги повика светските лидери да ги вклучат и заштитат популациите без државјанство и да направат храбри и брзи чекори за да го искоренат бездржавјанството.
– Пандемијата на ковид-19 повеќе од кога било ја покажа потребата од инклузија и итноста на решавање на бездржавјанството. Пандемиите не разликуваат државјани од недржавјани. Не е во интерес на ниту една држава, општество или заедница да остави луѓе без државјанство и тие да живеат на маргините. Мораме двојно да ги засилиме напорите да ја решиме оваа повреда на човештвото во 21 век – рече Гранди.
Не поседувајќи важни законски права и често немајќи пристап до основни услуги, многу од лицата без државјанство се политички и економски маргинилизирани, дискриминирани и ранливи на експлоатација и злоупотреба. Во многу земји, лицата без државјанство, вклучувајќи ги и бегалците без државјанство, живеат во супстандардни и несоодветни санитарни услови може да го зголемат ризикот од болеста.
Иако е тешко да се добијат глобални податоци бидејќи популациите без државјанство не секогаш се регистрираат или вклучуваат во пописите на државите, УНХЦР известува за околу 4,2 милиони лица без државјанство во 76 земји. Сепак, се смета дека реалниот број е значително поголем. И покрај тоа што е постигнат значителен напредок во намалувањето на бездржавјанството ширум светот откако започна кампањата во ноември 2014 година, пандемијата на коронавирусот влоши многу од потешкотиите и неправдите со кои се соочуваат лицата без државјанство.
– Без државјанство, многу од овие лица немаат пристап или не се вклучени во основното јавно здравство и социјалното осигурување. Оставени се да бидат екстремно ранливи наспроти пандемијата – рече Гранди.
Некои земји сепак покажуваат водство со вклучување на лицата без државјанство во одговорот на ковид-19, обезбедувајќи им пристап до тестови и лекови, храна, облека и маски. Некои влади ги вбројаа во основни потреби впишувањето во матичната книга на раѓање и издавањето други матични документи, со што тие продолжија да функционираат и покрај пандемијата и со тоа помогнаа да се спречи создавање нови случаи на без државјанство.
– Бездржавјанството е проблем кој е лесен да се реши и спречи – прашање на политичка волја е да се смени статусот и животот на една личност – а, сепак, последиците од непреземањето ништо, особено за време на пандемија, можат да бидат опасни по живот. Со цел да заштитиме и спасиме животи, бараме од владите да го решат бездржавјанството и да се осигураат дека ниту еден човек не е изоставен – рече Гранди.