Американскиот претседател Доналд Трамп продолжи со острите критики до најблиските сојузници на САД, по завршувањето на самитот на Г7 во Канада. Трамп порача дека САД ги плаќаат речиси сите трошоци на НАТО за заштита на земјите што на трговски план „ја ограбуваат“ Америка.
– Тие плаќаат само мал дел од трошоците и се смеат. ЕУ треба да плати многу повеќе за да помогне во финансирањето на меѓународната воена алијанса – истакна шефот на Белата куќа.
Според него, САД неправедно се ограбувани во трговијата, и покрај тоа што „ја штитат Европа по голема финансиска цена.
– Фер трговијата сега треба да се вика трговија на будали – додаде Трамп, одговарајќи на заканите за нови тарифи против САД.
Серијата критики на Трамп следуваат откако сојузниците од Г7 ја осудија неговата одлука да го одбие заедничкото соопштение од самитот. Германската канцеларка Ангела Меркел порача дека неговото предомислување е „отрезнувачко и депресивно“.
– Нема да дозволиме да нѐ ограбуваат повторно и повторно. Ќе мора да дејствуваме – наведе Меркел.
Таа сепак прифаќа дека Германија треба да плати повеќе за сопствената безбедност, дури и тоа да е непопуларен чекор.
Претходно, Трамп остро го критикуваше канадскиот премиер Џастин Трудо, обвинувајќи го дека шири „лажни вести“. Првично беше соопштено дека сите лидери од Г7 го поддржале заедничкото соопштение по самитот од Канада, за потоа американскиот претседател преку Твитер да порача дека е измамен и дека се повлекува од соопштението.