Истакнати членови на Демократската партија тврдат дека наводниот заговор за киднапирање на гувернерката на американската сојузна држава Мичиген, Гречен Витмер, за кој се обвинети 13 лица, бил инспириран од порака на американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер, во која пишуваше „Ослободете го Мичиген“, пишува „Њузвик“.
Витмер која исто така членува во Демократската партија ја поврза реториката на Трамп со заговорот, вклучувајќи ги критиките насочени кон неа и кон нејзината држава за начинот на справување со пандемијата.
– Минатата недела претседателот на САД стоеше пред американскиот народ и одби да ги осуди оние што се залагаат за бела надмоќ и што шират омраза, какви што се двете цивилни милиции од Мичиген. Повлечете се и бидете на штрек, им кажа тој. Групите што шират омраза ги сфатија зборовите на претседателот, не како критика, туку како повик за акција – кажа Витмер.
Јавната обвинителка на Мичиген Дана Несел во интервју за „Бизнис инсајдер“ кажа дека Трамп и републиканскиот сенатор од Мичиген Мајк Ширки им дале легитимитет на милициите како онаа вклучена во случајот за киднапирањето.
Кога кандидатот за претседател Џо Бајден беше запрашан дали верува оти твитот на Трамп „Ослободете го Мичиген“ ги поттикнал милициите, тој одговори потврдно.
– Неговите зборови значат. Зошто претседателот едноставне не рече прекинете. А, ако не го сторите тоа, ние ќе ве гониме – истакна Бајден.
На 17 април Трамп напиша „Ослободете го Мичиген!“ на Твитер, во серијата твитови со кои се стекна впечаток дека тој ги напаѓа мерките за карантин. Во истиот месец демонстрантите се спротивставија на карантинот и влегоа во зградата на властите во Мичиген. Дел од нив беа вооружени.
На 1 мај, пак, Трамп напиша „Гувернерката на Мичиген треба да стори малку и да го изгасне огнот. Ова се добри луѓе, но се гневни. Тие ги сакаат своите животи назад, безбедно! Види се со нив, зборувај со нив и постигни договор“.
Овие пораки на Трамп станаа актуелни откако беа уапсени членовите на цивилната милиција од Мичиген во акцијата на ФБИ под сомнение дека планирале заговор за киднапирање на гувернерката Витмер.
Врховниот суд на Мичиген минатата недела пресуди дека наредбите на Витмер за итни мерки биле неуставни. Трамп категорично негираше дека го поттикнал делувањето на милициите опишано во документите на ФБИ. Тој смета дека преку Твитер ги критикувал Витмер и Бајден, додека апелирал против насилството.
– Моето министерство за правда и федералните безбедносни агенции соопштија дека осуетиле опасен заговор против гувернерката на Мичиген. Наместо да се заблагодари, таа ме нарекува припадник на движењето за бела надмоќ, додека Бајден и демократите одбиваат да ги осудат Антифа, анархистите и вандалите кои ги палат градовите под контрола на демократите. Не толерирам никакво насилство. Бранењето на сите Американци, дури и на оние кои ми се спротивставуваат и ме напаѓаат, е нешто што ќе го правам се додека сум ваш претсдател. Гувернерке Витмер, отворете ја вашата држава, вашите училишта и вашите цркви – кажа Трамп.
ФБИ исто така не најде докази дека наводните заговорници биле инспирирани од Трамп. Но допрва се очекуваат дополнителни информации за нивните мотиви и политички убедувања, особено кога случајот ќе стигне на суд.