Долниот дом на британскиот Парламент денеска третпат ќе изјасни за Договорот за брегзит, што Владата во Лондон го постигна со ЕУ лани во ноември.
Третото гласање синоќа го одобри претседавачот на Долниот дом, Џон Беркау иако досега одбиваше да го стави Договорот на ново изјаснување пред пратениците, со образложение дека Парламентот не може постојано да гласа за еден ист документ.
Според него, меѓутоа, овој пат станува збор за нов предлог, што значително се разликува од досегашниот.
Британската Влада вечра соопшти дека планира да предложи трето гласање за Договорот за брегзит во текот на утрешниот ден, но дека чека одобрение од Беркау.
– Признаваме дека секој предлог што ќе биде ставен на гласање треба да биде во согласност со одлуката на спикерот- изјави шефицата на конзервативната пратеничка група во Парламентот, Андреа Лидсом, која по функција е и членка на Владата на Меј.
Таа нагласи дека единствен начин Велика Британија да биде сигурна дека ќе ја напушти ЕУ на 22 мај, е до денеска до 23 часот по локално време (полноќ по средноевропско време) Парламентот да го одобри Договорот за брегзит.
Меј минатата недела побара од лидерите на ЕУ одлагање на брегзит до 30 јуни, кој првично беше предвиден за денеска. Но, шефовите на држави или влади на членките на Унијата одобрија одлагање на брегзит најдоцна до 22 мај, под услов Парламентот во Лондон да го прифати Договорот за британското истапување од ЕУ. Според одлуката на Европскиот совет, доколку Парламентот не го прифати документот, Велика Британија ќе мора да ја напушти Унијата на 12 април без договор.