Пентагон соопшти дека примиле писма за кои се сомневаат дека содржат отров рицин, вклучително и писмо испратено до американскиот министер за одбрана Џејмс Матис.
Според неименуван извор од Пентагон, се работи за два коверта од кои едниот бил испратен до Матис, а другиот до главниот командант на поморските операции адмирал Џон Ричардсон.
Во соопштение од Министерството за одбрана се нагласува дека објектот за сортирање пошта што се наоѓа во главната зграда е под карантин. ФБИ анализира коверти што во понеделникот ги открила полицијата во Пентагон.
Според извори на Глас на Америка, првичните тестови на рицин биле позитивни.
Сикрет сервис соопшти дека проверува сомнителен коверт адресиран до претседателот Доналд Трамп, но не стигнал до Белата куќа. Не се дадени детали и не е јасно дали двата инцидента се поврзани.
Рицин предизвикува смрт од 36 до 72 часа од внесувањето мало количество и за него не постои противотров.