Државите пред нови затворања, карантини и рестрикции поради појавата на новиот сој на ковид-19
Затворање на границите за патувања, построги правила за излез и влез, но и превентивни рестрикции и правила на движење предизвика појавата на новиот сој на коронавирусот, омикрон, откриен пред неколку дена во Јужна Африка. Како што пренесуваат новинските агенции, повеќе држави во светот веќе превентивно ги спуштија границите за влез, но и излез на граѓаните, особено кон релациите во Јужна Африка.
Меѓу првите земји што презедоа строги мерки за заштита од ширење на новиот сој на коронавирусот беше Израел, каде што им се забрани на странците да влезат во државата 14 дена, а властите најавија дека ќе користат надзор за да се запре ширењето на новиот сој на ковид-19. Забраната веќе стапи во сила викендов, по целосното одобрение од страна на Владата. Израел досега потврди само еден случај на потенцијално позаразниот сој омикрон, првпат откриен во Јужна Африка пред неколку дена. Оттогаш, многу земји го забранија патувањето во Јужна Африка и нејзините соседи.
Слично како и Израел реагираа и САД, Австралија и десетина земји во Европа. Европската агенција за лекови ЕМА соопшти дека е прерано да се зборува за приспособување на антиковид-вакцините на новиот вид на ковид-19, омикрон, поради што неколку земји во светот веќе го прекинаа или ограничија воздушниот сообраќај од Африка. ЕМА соопшти дека се потребни повеќе детали за да се види дали сојот, кој има голем број мутации, може да ги избегне четирите вакцини моментално одобрени во ЕУ.
– Внимателно го набљудуваме сојот Б.1.21.529, кој неодамна се појави и кој има голем број мутации во протеинот – велат од ЕМА од Амстердам.
Во меѓувреме меѓународната асоцијација за промоција на правична вакцинација во светот, ГАВИ, оцени дека појавата на новиот сој на коронавирусот, омикрон, укажува на недостигот од вакцини во многу делови од светот. Првиот човек на ГАВИ, Сет Беркли, во Женева рече дека сè додека голем дел од светската популација е невакциниран, вирусот може да мутира, продолжувајќи ја пандемијата. Омикрон првпат беше откриен овој месец во Јужна Африка, каде што стапката на целосно вакцинирани возрасни е помала од 36 проценти. За споредба, во Европската Унија стапката на целосно вакцинирани е 77 отсто од возрасната популација.