По две години работење онлајн во услови на корона-криза, наодите на две одделни истражувања на иста тема, едното на институтот „ЈуГов“ и второто на „Јуроњуз“, доаѓаат до заеднички заклучок, кој вели дека две третини од Европејците во најголем дел сакаат да ја задржат можноста за работа од дома
Истражување на институтот „ЈуГов“ и на „Јуроњуз“ за ефектите и работењето во услови на пандемија
Ова време на пандемија што го живее светот речиси две години натера илјадници работници низ светот да ги извршуваат своите работни обврски од дома, се разбира сепак во оние дејности во кои природата на работата го дозволува тоа. Токму во таа насока изминатиот период во Европа беа направени многу истражувања за дилемата дали во месеците што доаѓаат сѐ повеќе ќе има извршување на работните обврски надвор од просториите на канцеларијата, како резултат на реалноста што ја наметнаа мутациите на ковид-19.
Во едно од последните анализи на „Јуроњуз“ на оваа тема се наведува дека речиси секое четврто од десет лица во Европската Унија (ЕУ) започнало да работи од дома како резултат на епидемијата на коронавирусот. Дополнително над половина од испитаниците од Финска, Белгија, Луксембург и од Холандија истакнале дека го промениле начинот на работа од своите домови. Додека во Романија, според истражувањето на „Јуроњуз“, единствено едно од пет лица работат во домашни услови што земјата ја класифицира на дното од листата во истражувањето. Експертите велат дека ковид-19 најави промена на работата во канцеларијата, а организациите ќе треба да се приспособуваат според условите во државите и моментот на епидемиолошка слика во земјата и по речиси две години од пандемијата.
– Овој стар хиерархиски модел преку кој функциониравме во текот на минатиот век и беше во согласност со индустриската ера, сега не е релевантен за дигиталната ера во светот, која сама по себе е многу флуидна, пофлексибилна и децентрализирана – рече Јоана Браиденбах, авторка на книгата „Иднината на делото има потреба од внатрешно реновирање“.
Во меѓувреме, работата од дома стана дури и предмет на предизборни ветувања кај некои парии во Европа. Социјалдемократската партија на Германија (СПД), која најверојатно ќе освои најмногу гласови на претстојните парламентарни избори, објави дека има намера законски да го регулира правото на работа од дома.
Паралелно на ова, институтот „ЈуГов“ во своја анализа на истава тема наведува дека повеќе од две третини од Германците што работеа од дома за време на пандемијата сакаат да го зачуваат правото за таа форма на работа. Според анкетата на институтот, седумдесет и еден процент од испитаниците Германци изјавиле дека сакаат во иднина да работат од дома. Ако на почетоците на пандемијата минатата година тоа го посакуваа само 58 отсто од Германците, сега таа желба е драстично зголемена, наведува анализата. Сепак, во исто време податоците покажуваат дека само 26 отсто од испитаниците сакаат да работат постојано од дома, а 45 отсто сакаат комбинирано да работат од дома и да одат во канцеларија во текот на работната недела. Како најважна причина за работа од дома, испитаниците го наведуваат времето зачувано за патување до работа и позитивниот еколошки аспект.
Од друга страна, работењето од дома може да претставува предизвик за работничките права, пишуваат европските медиуми. Но синдикатите во исто време велат дека работниците имаат еднакво исти права како и кога работат од канцеларија. Естер Линч, која е заменик-генерална секретарка на Европската конфедерација на синдикатите (ЕТУЦ), предупредува дека работниците мора да направат јасна граница меѓу работното и личното време.
– Мора да постојат јасни граници и работникот мора да има поголема контрола токму врз овие граници. Мора да постои поголема доверба, така што работодавците ќе мора да им веруваат на нивните вработени кога ги реализираат нивните работни задачи. Не мора да го бројат секое чукање на тастатурата и не треба тесно да ги надгледуваат и следат – посочи таа. Синдикатите исто така сметаат дека трошоците поврзани со работењето од дома, како струја, безжичен интернет или секаков друг потрошен материјал треба во договор со работодавците да се надоместат.