Британската премиерка има тешка задача да обезбеди гаранции од Брисел што ќе ги задоволат тврдокорните конзервативци, бидејќи нив ништо нема да ги задоволи. За нив брегзит не е практична работа, туку исполнување на националистичката фантазија. Тоа се пратеници што мислат дека нема да има сериозна штета од напуштањето на ЕУ без договор и дека Британија би требало да одбие да ги почитува своите финансиски обврски, оценува „Гардијан“
Британската премиерка Тереза Меј го „преживеа“ гласањето за доверба во нејзиното лидерство со Конзервативната партија. Дури 200 конзервативни пратеници ѝ дадоа поддршка на Меј на лидерската функција, додека, пак, 117 пратеници гласаа против. Резултатот јасно укажува на главниот проблем на Меј со брегзит. Бројот од 117 конзервативни бунтовници е многу сличен на стоте пратеници што планираа да гласаат против нејзиниот договор за брегзит, пред таа да го одложи гласањето за договорот. Станува збор за блокирачко мнозинство, кое спречува сегашниот договор, или нешто слично на него, да биде ратификуван од парламентот. За да придобие толкав број бунтовници, Меј мора да направи драматичен напредок во своите разговори со Брисел и да ја убеди десницата од нејзината партија дека може да обезбеди отстапка од ЕУ, оценува „Гардијан“.
Заговорниците за тврд брегзит, според британскиот весник, не успеаја да ја соборат од власт британската премиерка. Меј сега мора да биде многу поексплицитна во отфрлањето на нивните опасни фантазии за можноста од брегзит без договор со Брисел. Сепак, илузија е да се мисли дека нов лидер би можел подобро да ја менаџира задачата во споредба со актуелниот. Ваквата идеја значи негирање на фактот дека брегзит ќе чини многу и укажува на тоа колку беа нереалистични ветувањата на заговорниците на британското излегување од ЕУ. Иако голем дел конзервативци се фрустрирани од Меј, најдеструктивниот анимозитет доаѓа од евроскептичните идеологии, кои одбиваат да преземат одговорност за позициите што ги заговараат.
Истовремено, Меј има тешка задача да обезбеди гаранции од Брисел што ќе ги задоволат тврдокорните конзервативци, бидејќи нив ништо нема да ги задоволи.
– За нив брегзит не е практична работа, туку исполнување на националистичката фантазија. Тоа се пратеници што мислат дека нема да има сериозна штета од напуштањето на ЕУ без договор и дека Британија би требало да одбие да ги исполни своите финансиски обврски. Тоа се опасни верувања, кои не ги споделува мнозинството конзервативци, ниту, пак, мнозинството гласачи што го поддржаа брегзит- оценува „Гардијан“.
И покрај своите недостатоци и погрешни одлуки, Меј барем призна дека брегзит вклучува тешки компромиси – помеѓу отворената трговија и затворените граници и помеѓу регулаторната автономија и пристапот до пазарот. Противниците и поддржувачите на брегзит не ја сакаат рамнотежата што таа ја воспостави, но британската премиерка не глуми дека има перфектен брегзит, што, пак, ја подига над предизвикувачите, кои само ги повторуваат нивните опасни фантазии за брегзит без договор. Меј сега мора да биде поексплицитна во исклучувањето на таа опција од можните исходи од брегзит. Попуштањето пред фанатиците мора да запре сега, а тврдокорните конзервативци го направија својот чекор и ја пропуштија шансата. Меј направи фатална грешка што воопшто побара услуга од оваа фракција или, пак, што мислеше дека нејзините интереси ќе бидат остварени преку задоволувањето на нивните барања, заклучува британскиот весник.