Вашингтон – Најмалку шест луѓе загинаа во силно невреме во јужниот дел на Мисисипи, каде што исто така се оштетени и околу 300 куќи и згради во Луизијана. Еден човек загинал во округот Волтхол, двајца во Лоренс, а тројца во округот Џеферсон Дејвис. Сите три окрузи се на околу еден час возење јужно од Џексон, близу Луизијана, јавија американските медиуми. Националната метеоролошка служба дополнително соопшти дека силен ветар зафатил и други делови на Мисисипи, каде што имало и торнадо. Гувернерот на Мисисипи, Тејт Ривес, прогласи вонредна состојба, откако државата ја погодија неколку торнада, пренесе АП.
Мадрид – Некои од компаниите во Шпанија од вчера продолжуваат со работа, додека земјата почнува да ги олеснува рестрикциите по двонеделното целосно затворање на сите несуштински активности. Во Шпанија имаше значителен пад на бројот на новозаразени и починати од ковид-19 во изминатите денови, но премиерот Педро Санчез предупреди дека земјата е далеку од победа. Тој истакна дека вонредната состојба и карантинот и натаму се во сила, завршува само двонеделниот екстремен период на економска хибернација.
Пјонгјанг – Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун изврши голема реконструкција на Владата, односно во Комисијата за државни работи, каде што измени третина од нејзините членови, објавија вчера официјалните севернокорејски медиуми. Внукот на основачот на НДР Кореја продолжи да го консолидира своето владеење, откако го наследи неговиот татко Ким Џонг-ил во 2011 година. Во посебно соопштение, Владата уште еднаш го потврди континуираниот став на Северна Кореја дека во таа земја нема случај со новиот коронавирус, иако епидемијата што започна во соседна Кина се шири во светот.
Њу Делхи – Седум полицајци се сериозно повредени во Индија за време на полицискиот час што е воведен во земјата поради коронавирусот. На еден полицаец му е отсечена раката, а другите шестмина добиле сериозни повреди кога биле нападнати од граѓаните што не сакале да се вратат во своите домови. Нападот се случил во северниот дел на Пенџаб кога полицијата запрела возило полно со мажи што се обидувале да го поминат полициски пункт. Набргу по нападот, полицијата ги пронајде напаѓачите и приведе седуммина мажи. Во тек е обемна истрага, пренесува „Си-ен-ен“.