Земјата има 22.364 заразени, но има само 84 жртви и стапка на смртност од 0,37 отсто, која е значително пониска од стапките на Италија, Кина или на Британија. Можни причини за тоа се поголемиот пристап до легла за интензивна нега и раното тестирање, велат експертите

Германија во моментот ги зголемува шансите за преживување од коронавирусот и покрај тоа што е една од државите што се најпогодени од пандемијата. Земјата досега има регистрирано 22.364 случаи на коронавирус, но има забележано 84 смртни случаи, со стапка на смртност од 0,37 отсто, што е значително пониско од Италија (девет отсто), Кина (четири отсто) или од Британија (4,6 отсто).
Ричард Пебоди од Светската здравствена организација (СЗО) вели дека е тешко да се даде конкретно објаснување и посочува оти станува збор за комбинација од фактори. Научниците понудија различни објаснувања, кои, меѓу другото, вклучуваат достапност на легла за интензивна нега во болниците во земјата.

Во моментот Германија располага со 25.000 легла за интензивна нега со респираторна поддршка, што значи дека пациентите досега се во можност брзо да закрепнат. Владата, исто така, рече дека планира да ја удвои оваа бројка во наредните недели за да спречи презаситување на болниците. Дури и хотелите и големите јавни сали треба да бидат пренаменети како импровизирани болници за пациенти со помалку сериозни симптоми, за да можат болниците да се ослободат за да ги лекуваат оние што се тешко болни. Според тоа, Германија е подобро опремена од другите европски земји, бидејќи на пример Франција има само околу 7.000 легала , Италија околу 5.000, а Британија над 4.000 легла и 5.000 респираторни машини, нагласува британски „Дејли мејл“.

Кристијан Дростен, директор на Институтот за вирологија во берлинската болница „Карит“, вели оти раното тестирање исто така може да биде фактор.
– Ја препознавме болеста многу рано во оваа земја. Ние сме напред во однос на дијагностицирањето и откривањето – нагласува тој.
Германија има мрежа на независни лаборатории, од кои многу почнаа со тестирање уште во јануари, кога бројот на случаи беше многу мал. Големиот број лаборатории го зголемија капацитетот за тестирање на национално ниво и се проценува дека дневно може да се тестираат по 12.000 луѓе во Германија.

Затоа тестирањето е полесно отколку во некои други земји. Право на тестирање има секој што покажува симптоми, имал контакт со заразен или неодамна се вратил од ризична зона.
Вирусот, исто така, во голема мерка влијаеше на помладиот, поздрав дел од населението во Германија во однос на другите земји. Според податоците, над 70 отсто од заразените се лица на возраст меѓу 20 и 50 години. Како и во Скандинавија, првите инфекции во Германија се откриени кај луѓе што неодамна се вратиле од скијачките терени во Италија или во Австрија. Сепак, Германија е земја во која една четвртина од населението е над 60 години, па затоа се стравува дека во иднина ќе се зголеми бројот на смртните случаи.

Друго објаснување за ниската стапка на смртност е што Германија, за разлика од другите земји, не ги тестира пациентите што веќе починале. Сепак, според италијанските експерти, тоа значи дека ако некое лице умрело дома во карантин, постои голема шанса тоа да не биде вклучено во статистиките.


Индонезија ќе биде ново жариште?

Најмногубројната муслиманска земја, Индонезија, до неодамна немаше пријавено ниту еден случај на лица со ковид-19, но во изминатите денови регистрира сѐ повеќе заразени и жртви. Последните податоци од викендот покажуваат дека бројот на заразени се искачил на 450, а бројот на жртви на 38, со стапка на смртност од 8,4 отсто.

Иако е блиску поврзана со Кина, од каде што се прошири коронавирусот, Индонезија, која има 264 милиони жители, до 2 март немаше регистрирано ниту еден случај на зараза. Индонезиските власти се цел на критики дека пребавно ги тестираат граѓаните и се обвинуваат за нетранспарентност, пишува „Гардијан“.