Италија ги забрани земјоделските работи во најжешките периоди на денот до крајот на август, по смртта на мигрант кој работел во јужниот италијански регион Апулија поради тропските горештини.
Дваесет и седумгодишниот мигрант од Мали, како што вчера соопштија медиумите во Италија починал додека се враќал со велосипед од поле каде му се слошило.
Причината за неговата смрт се утврдува, но потсетува на смртта на 49-годишната Италијанка во лозје во Апулија во 2015 година. Нејзината смрт го привлече вниманието од тешките услови во кои работат домашните и странските надничари, берејќи овошје и зеленчук за време на предолги смени за само неколку евра на час.
Гувернерот на регионот потпиша указ со кој се забранува работа на терен од 12.30 до 16 часот до крајот на август во денови со тропска топлина.
Во последниве недели, температурата во Апулија беше 40 степени.