Американскиот претседател Доналд Трамп се обиде да стави крај на блокадата на работата на Владата, нудејќи заштита за младите имигранти, кои како деца пристигнале во САД, под услов демократите да обезбедат 5,7 милијарди долари за изградба на ѕидот на границата со Мексико. За Демократската партија таквата понуда е неприфатлива. Во обраќањето од Белата куќа, Трамп изјави дека нуди „разумен компромис, кој би требало да го прифатат двете страни“. Тој додаде дека би дал заштита не само за младите што како деца се доведени во САД, туку и за лицата што имаат привремен заштитен статус откако побегнале од земјите погодени од природни катастрофи или насилство.

Демократите го критикуваа предлогот уште пред да го објави официјално Трамп, со образложение дека тоа не е трајно решение за имигрантите. Тие исто така бараат од Трамп да ја одблокира работата на Владата пред да почнат преговорите.


Средбата со Ким Јонг-ун кон крајот на февруари

Втората средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун најверојатно ќе биде кон крајот на идниот месец. Тоа го изјави Трамп пред новинарите во градината пред Белата куќа, нагласувајќи дека дополнително ќе биде соопштена земјата во која ќе се оствари средбата. Историската прва средба меѓу Трамп и Ким се одржа во јуни 2018 година во Сингапур. Виетнам вчера изрази подготвеност да биде домаќин на втората средба меѓу двајцата претседатели.