Во последните неколку години Виена создаде репутација на многу безбеден град, каде што многумина жени се чувствуваат пријатно да шетаат сами ноќе. Во изминатите речиси четири децении, Виена ги избегнуваше нападите од кои беа погодени Париз, Лондон и Берлин. Тоа се смени во понеделникот кога 20-годишен вооружен напаѓач, окарактиризиран како „исламистички терорист“ уби четири лица, а рани повеќе од дваесетмина, пишува Би-би-си.
Негова цел беше областа која преку ден делува тивко и мирно. Но, навечер, кога нејзините бројни барови и клубови се отворени, таа се трансформира во една од најпопуларните зони за забава на Виена. Во текот на деветте страшни минути, напаѓачот трчаше низ улиците, пукајќи кон баровите и рестораните, пред да биде убиен од страна на полицијата.
– Тоа беше еден од најстрашните моменти во мојот живот. Не можев да поверувам дека се случи во Виена – вели младиот Максимилијан кој во текот на нападот бил излезен на пица со свои пријатели.
По нападот изби политичка расправа во однос на тоа дали властите можеле да сторат повеќе за да го спречат терористичкиот чин. А опозициските и партиите од власта се обидуваат да ја префрлат вината.
Австриската исламска заедница остро го осуди нападот, но има загрижеост дека нападот ќе поттикне антимуслиманско расположение во Австрија. Верските лидери, пак, одржаа заедничка служба за жртвите во катедралата „Свети Стефан“ во Виена, а студентите се собраа во близина на местото на нападот. Меѓу нив беа луѓе од еврејската и од исламската заедница. Австријците со кои разговараше Би-би-си велат дека осамениот напаѓач нема да го скрши духот на Виена.
– Тој беше губитник. Ние сме посилни. Кој му помогна на полицаецот кој беше застрелан во близина? Тоа беа тројца муслимани – вели еден од граѓаните на Виена.