Судот за борба против тероризам во мароканскиот главен град, Рабат, изрече смртни казни за три лица поради убиството на две скандинавски туристки минатата година, пренесоа светските агенции.
Луиза Јесперсен (24) од Данска и 28-годишната Норвежанка Марен Уланд беа убиени и обезглавени додека планинареле на планините Атлас, а ваквото свирепо злосторство мароканските и данските власти го карактеризираа како терористички чин.
Подоцна беше потврдено дека убиството е извршено во име на терористичката организација Исламска држава.
За директна вмешаност во смртта на девојките беа осомничени четворица Мароканци, од кои беше објавено и видео на кое ѝ изразуваат верност на Исламска држава.
Еден од осудените е 25-годишниот радикализиран трговец Абделсамад Еџуд, кој призна дека го организирал убиството на двете жени, заедно со своите двајца соучесници, Јунес Узијад (27) и Рашид Афати (33).