Русија планира мултифронтовска офанзива против Украина на почетокот на следната година со 175 илјади војници, објави „Вашингтон пост“ повикувајќи се на некласифициран разузнавачки документ и неименуван извор од американската администрација.
Русија разместува трупи кон границата со Украина додека бара гаранции од САД дека Украина нема да му се приклучи на НАТО и дека алијансата ќе се воздржи од одредени воени активности околу Украина. Кризата предизвика стравови од нова војна во Европа и доаѓа во пресрет на планираниот виртуелен состанок на претседателите Џо Бајден и Владимир Путин следната недела.
Бајден тврди дека ќе и направи на Русија да и биде тешко да ја нападне Украина.
„Руските планови предвидуваат воена офанзива против Украина уште на почетокот на 2022 година со сили двојно поголеми од она што го видовме минатата пролет за време на вежбата на руската армија близу границата со Украина. Плановите вклучуваат движење на 100 баталјони со 175 илјади војници, тенкови, артилерија и друга опрема“, вели неименуваниот американски функционер за „Вашингтон пост“.
Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников рече дека Украина нема да направи ништо што би можело да предизвика таков развој на настаните, но дека е подготвена да се одбрани доколку Русија изврши напад.
-Нашите разузнавачки служби ги анализираат сите сценарија, вклучително и најлошото. Тие посочија дека постои можност за голема ескалација од страна на Русија. Најверојатната временска рамка да биде целосно подготвена за ескалација на состојбата е крајот на јануари – рече Резников.