Божиќните празнувања требаше да почнат денес во Витлеем, библиското родно место на Исус, но покрај празните гостилници, празен е и плоштадот бидејќи забраната за патување за странци поради пандемијата на коронавирусот го спречи пристигнувањето аџии и туристи.
Од одлуката за затворање на воздушниот простор за странски државјани од март нема пристигнување туристи во Израел, изјави портпаролката на Министерството за туризам, Лидија Вајцман.
Десетици илјади туристи и аџии доаѓаат во Израел секоја година за време на Божиќ.
Традиционалната поворка од Ерусалим до Витлеем, на Западниот Брег, јужно од Ерусалим, ја предводи латинскиот патријарх Пјербатиста Пицабала. Поворката се движи од христијанскиот кварт на стариот град во Ерусалим кон манастирот на патот кон Витлеем во 11.30 часот по локално време по што мора да помине низ бетонскиот сигурносен ѕид за безбедност и да влезе во библискиот град.
Поворката се очекува да пристигне на плоштадот во 14 часот по локално време, каде што Пицабала, поглавар на Римокатоличката црква во Светата земја, треба да ја предводи полноќната миса во Црквата на Христовото раѓање, но само во присуство на свештенството.
Во последните недели на Западниот Брег важеше полициски час, кој трае од 19 до 6 часот наутро. Мерката е донесена за да се спречи ширењето на новиот коронавирус.