За време на самитот во Брисел, летонскиот лидер Кришјанис Кариш го опиша состанокот Си – Путин во Москва како „отворање очи за Европа“. Состанокот, рече тој, покажа дека „Кина не ја презема улогата на посредник, туку отворено се движи на страната на Русија и тоа е тешкотија за сите нас“. Летонскиот лидер Кришјанис Кариш додаде дека „Пекинг го има возачкото седиште во односите со Русија, но останува нејасно каде сакаат да ги водат овие односи“
Европските лидери одеднаш се натпреваруваат во брзањето да стигнат што побрзо до Кина. Во услови на зголемена загриженост дека кинескиот лидер Си Џинпинг ја зацврстува својата поддршка за руската војна во Украина, шпанскиот премиер Педро Санчез во четвртокот објави дека следната недела ќе отпатува за Пекинг, на разговори. Веднаш потоа, францускиот претседател Емануел Макрон ќе реализира патување во Пекинг, на 4 април.
Низа лидери на ЕУ деновиве го искористија самитот во Брисел за да алармираат за наметливата поддршка на Кина за Владимир Путин оваа недела, предупредувајќи дека „не можат да издржат додека Пекинг и Москва го зацврстуваат сојузот што ризикува да го доведе светот подлабоко во криза“.
Нивната загриженост дојде по посетата на највисоко ниво на Си во руската престолнина, со што ја зацврсти заемната позицијата со неговиот долгогодишен пријател Путин.
За време на приватната сесија во Брисел, Макрон ги повика своите колеги да ги удвојат напорите да ја спречат Кина да ја продлабочи својата поддршка за Русија во конфликтот со Украина.
– Францускиот претседател ја подвлече потребата да се вложат максимални напори за да се осигури дека Кина не ја поддржува Русија и нејзиниот капацитет да продолжи со војната – рече претставник на ЕУ.
Влогот во променливата геополитичка динамика тешко би можел да биде поголем за Европа или поширокиот свет. Поцврстото партнерство меѓу Кина и Русија би ризикувало ескалација на војната во Украина во конфликт меѓу владите на НАТО и Пекинг, како и Москва.
Потоа, се наѕира заканата од воен судир меѓу Пекинг и Вашингтон поради Тајван, за кој западните аналитичари велат дека е изложен на зголемен ризик од инвазија на кинеските сили. Дури и без воена ескалација, тензиите меѓу Пекинг и Западот се зголемуваат околу безбедноста и трговијата. Во последниве недели, серија европски влади ја погодија кинеската компанија за социјални медиуми „Тикток“ со ограничувања, поради загриженоста дека доминацијата на технологијата на Пекинг претставува безбедносен ризик за Западот.
Во исто време, владите на ЕУ подготвуваат планови за ограничување на нивната зависност од Кина за критичните суровини како што е литиумот за батериите на електричните автомобили.
Зборувајќи за медиумите за време на самитот во Брисел, летонскиот лидер Кришјанис Кариш го опиша состанокот Си – Путин во Москва како „отворање очи за Европа“.
Состанокот, рече тој, покажа дека „Кина не ја презема улогата на посредник, туку отворено се движи на страната на Русија и тоа е тешкотија за сите нас“. Кариш додаде дека Пекинг го има возачкото седиште во односите со Русија, но останува нејасно каде сакаат да ги водат овие односи.
Литванскиот претседател Гитанас Науседа и шведскиот премиер Улф Кристерсон, исто така, изразија загриженост поради можноста Кина да обезбеди конкретна поддршка за Русија, според двајца дипломати вклучени на самитот во Брисел.
Шпанецот Санчез, во меѓувреме, потврди дека ќе се сретне со Си во Кина следната недела. Шпанските власти рекоа дека тој ќе разговара за документот за позицијата на Кина за Украина. Шпанија ќе го преземе ротирачкото претседавање со Советот на ЕУ од Шведска кон крајот на оваа година.
Додека лидерите на ЕУ изразија стравувања за поблиските врски меѓу Москва и Пекинг, во Брисел немаше консензус за тоа дали Унијата како целина треба да усвои нов пристап кон Кина.
Луксембуршкиот премиер Ксавиер Бетел повика на континуиран ангажман со Пекинг за да се обиде да ги приближи Кинезите.
– Кина не е совршена, но можеби ќе ни треба еден ден. Неколку земји-членки ја делат оваа оцена – рече еден претставник на ЕУ.
Други, сепак, навидум поддржуваат построга линија кон Кина со оглед на најновата ситуација.
Дипломатскиот советник на Макрон, Емануел Боне, разговараше со највисокиот кинески дипломат Ванг Ји.
– Кина очекува Франција и другите европски земји да играат удел во… спроведувањето на политичкото решение – рече Ванг.
За време на неговото патување во Москва оваа недела, Си не даде јавни ветувања за воена поддршка за Русија. Сепак, американските власти предупредуваат на подготвеноста на Пекинг да ѝ даде „смртоносна помош“ на Москва. Бриселскиот портал „Политико“ објави дека 1.000 јуришни пушки и друга опрема што може да се користи за воени цели се испратени во Русија од кинески компании.
ОД СТЈУАРТ ЛАУ, ЈАКОПО БАРИГАЦИ, ГРЕГОРИО СОРГИ И КЛЕА КОЛКУТ