Првиот човек на Црвениот крст ја обвинува Европа
Проблемот со „двојни стандарди“ во миграциската политика, поточно со нееднаквиот третман во прифаќањето на бегалците од различни земји и региони, за кој неодамна пишувавме токму на овие страници, повторно се актуализира. Овој пат зборовите на критика и осуда доаѓаат од првиот човек на најголемата светска хуманитарна мрежа, кој ја обвини Европа за нејзините „двојни стандарди“ во третманот на бегалците.
– Брзото прифаќање на Украинците што бегаат од руските напади, наспроти недостигот од добредојде за луѓето што бегаат од насилството во Африка, Блискиот Исток и на други места, го доведува во прашање „двојниот стандард“ на Европа за мигрантите – рече Франческо Рока, претседател на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина.
Говорејќи на прес-конференција, Рока рече дека не мисли дека „има никаква разлика“ помеѓу некој што бега од источниот украински регион Донбас и некој што бега од екстремистичката група Боко Харам во Нигерија.
– Оние што бегаат од насилството, оние што бараат заштита, треба да бидат третирани еднакво – рече Рока. Тој рече дека постои „морален императив“ да им се помогне на луѓето да избегаат од насилството и државните удари и дека „политичкиот, јавниот и хуманитарниот одговор на украинската криза покажа што е можно кога хуманоста и достоинството се на прво место, кога постои глобална солидарност“.
– Се надевавме дека украинската криза ќе биде пресвртница во европската миграциска политика. Но, за жал, тоа не беше случај – рече Рока.
Најмалку 3.668 луѓе се убиени и 3.896 се повредени во Украина од почетокот на војната на 24 февруари, според процените на ОН. Се верува дека вистинската бројка е многу поголема. Според агенцијата за бегалци на ОН, повеќе од 6,2 милиони луѓе побегнале во други земји, а околу 7,7 милиони луѓе се внатрешно раселени.