Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговите воени команданти одлучија да продолжат да го бранат источниот град Бахмут, кој руските сили и платениците на Вагнер со месеци очајно се обидуваа да го освојат.
Информациите за средбата на Зеленски со командантите на украинската армија се наведуваат во соопштението испратено од кабинетот на украинскиот претседател.
-На средбата детално се разговараше за ситуацијата во Бахмут. Учесниците се договорија да продолжат со одбранбените операции и натамошно зајакнување на нашите позиции во Бахмут – се наведува во соопштението.
На средбата, покрај Зеленски и воените команданти, присуствуваа и шефот на кабинетот на претседателот Андриј Јермак, шефот на военото разузнавање Кирило Буданов, украинскиот премиер Денис Шмихал и главниот секретар на Советот за национална одбрана и безбедност Олексеј Данилов.
Руските сили во последната недела почнаа да напредуваат во обид конечно да го освојат Бахмут, градот во истоичен Донбас, што се обидуваат да го заземат уште од септемеври. Последните денешни информации се дека во и околу градот се водат жестоки улични борби.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин претходно денеска се обиде да ја омаловажи важноста на Бахмут, изјавувајќи дека неговиот пад „нема да значи ниту оперативно, ниту стратешко нарушување“ на украинската војска.