Нуклеарната централа „Запорожје“ повторно има електрична енергија откако во два наврата била исклучена од мрежата во текот на вчерашниот ден, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), повикувајќи се на информации од украинските власти. Електраната приклучена на линија со помал напон од блиската термоцентрала и безбедносни системи останале во функција, при што може да се обезбеди резервна електрична енергија за да работат реактори.
Светот за малку избегнал нуклеарна катастрофа, според украинскиот претседател Владимир Зеленски, кој додаде дека снабдувањето со струја на најголемата нуклеарна централа во Европа било во прекин со часови поради руското гранатирање на областа. Москва ги отфрли ваквите тврдења.
Зеленски рече дека руското гранатирање предизвикало пожари во јамите за пепел на блиската електрана на јаглен, што ја исклучило струјата во реакторскиот комплекс, најголемиот таков објект во Европа. Украинскиот претседател посочи дека виталното напојување за безбедносните и системите за ладење било обезбедени од резервните дизел-генератори. Тој ги пофали украинските техничари кои работат со централата под надзор на руската војска.
– Доколку персоналот на нашата нуклеарна централа не реагираше по прекинот на електричната енергија, ќе бевме принудени да ги надминеме последиците од несреќата со радијација. Русија ги стави Украина и сите Европејци на работ на катастрофа со радијација – рече Украинскиот претседател.
Владимир Рогов, службеник назначен од Русија во окупираниот град Енерходар во близина на централата, ги обвини украинските вооружени сили за шумскиот пожар во близина на централата. Тој рече дека градовите во областа биле без струја неколку часа.
– Тоа беше предизвикано од исклучувањето на далноводот и нуклеарната централа „Запорожје“ како резултат на провокациите на борците на Зеленски. Самото исклучување беше предизвикано од пожар и краток спој на далноводит – напиша Рогов на Телеграм.
Украинската државна нуклеарна компанија „Енергоатом“ соопшти дека тоа е прво целосно затемнување на централата, која стана точка на удар во шестмесечната војна. Исклучувањето на постројката е потенцијално опасно, бидејќи дефект во резервните електроенергетски системи може да предизвика губење на течноста за ладење, односно топење на горивото во јадрото на реакторот.
Русија презема контрола над нуклеарната централа „Запорожје“ околу две недели по отпочнувањето на војната 24 февруари, но им дозволи на украинските инженери да продолжат да работат во централата. „Запорожје“ чиј прв реактор беше активиран во 1985 година, пред оружениот конфликт обезбедуваше над 20 отсто од потребите на Украина за електрична енергија.
Обединетите нации бараат пристап до објектот и повикаа областа да се демилитаризира. Официјални лица на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) се „многу, многу блиску“ до посета на Запорожје, изјави вчера главниот директор на агенцијата Рафаел Гроси.