Некои аспекти за позицијата на Кина кон Русија во врска со судирот во Украина
Кинескиот шеф на дипломатијата Ванги Ји неодамна ја заврши турнејата низ Европа. Неговото застанување во Германија, на минхенската безбедносна конференција, беше најава дека Кина ќе го изнесе својот став за политичко решавање на украинската криза. Ова веднаш беше протолкувано од западните аналитичари како „кинески мировен план“ и предизвика изобилство од различни коментари. Пекинг официјално го објави „планот“ на 24 февруари, на годишнината од почетокот на украинскиот конфликт.
Содржината на документот повикува на продолжување на мировните преговори, почитување на суверенитетот на сите земји и напуштање на „менталитетот на студената војна“. Документот исто така го определува „политичкото решение“ како најдобар начин за одржување на стабилноста на индустриските и синџирите на снабдување и олеснување на извозот на жито. Конечно, се залага за запирање на спроведувањето на едностраните санкции и намалување на стратегиските ризици поврзани со ширењето на нуклеарното оружје.
Пекинг сѐ поотворено става до знаење дека организациите предводени од САД, како што е НАТО, излегуваат надвор од рамките на низа меѓународни договори
Планот од 12 точки на Кина „со отворен ум“ го зема предвид однесувањето на Русија и ја остава подотворена вратата за – отстапки на Кремљ. Имено, документот ја поттикнува идејата дека руските трупи треба да се повлечат од украинските територии.
Исто така, во документот Пекинг го зајакнува својот повик за враќање на преговарачката маса! Имено, тоа се поткрепува со аргументот дека „безбедноста на регионот не треба да зависи од проширувањето или зајакнувањето на воените блокови“. Оваа рамка кореспондира со линијата за проширувањето на НАТО, која „станува преамбициозна“ и поради тоа „Кремљ бил испровоциран на акција“ во Украина. Таа исто така може да се толкува дека Пекинг сѐ поотворено става до знаење дека организациите предводени од САД, како што е НАТО, излегуваат надвор од рамките на низа меѓународни договори што се во сила, при што Западот го става меѓународното право на испит и ревизија.
Пријателство без граници меѓу Пекинг и Москва
Мировниот план на Кина ја нагласува доследноста на пристапот на Пекинг кон руската воена операција во Украина, која уште од самиот почеток се карактеризира со различен дискурс од западниот. Тоа се совпаѓа со декларираното партнерство на Пекинг со Москва или, како што изјавија кинескиот лидер Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин во февруари 2022 година, нивното „пријателство без граници“.
Пекинг покажа подготвеност да ги зајакне врските со Москва во текот на децениското владеење на претседателот на Кина, Си. Москва и Пекинг споделуваат многу идеи за природата на светот. Лидерите на Кина и Русија јасно укажуваат дека меѓународниот поредок, ваков каков што е, предводен од Западот, во пакет со неговите правила и вредности, претставува „егзистенцијална закана за светот воопшто, за земјите во развој, но и за самите Кина и Русија“. Значи, кохезијата што ги држи Си и Путин заедно е заедничкиот базичен и суштински став дека мноштво од политиките на Западот, почнувајќи историски од колонизациите, па до платниот промет дизајниран според доларот, како и феноменот на глобализацијата, сите тие светски текови се во функција на западните земји. Во тој контекст, заедничкиот именител на Пекинг и Москва, според аналитичарите, е всушност „борба против таканаречената западна хегемонија“.
Ова, според политичките аналитичари, обезбедува „плодна почва за соработка во области како што се политиката, економијата, идеологијата, војската и односите меѓу луѓето“. Односот, според нивните процени, засега е асиметричен, а Пекинг има поголема предност во економска смисла. Но Русија сè уште може да обезбеди поддршка за Кина, на пример во клучните воздушни технологии и нуклеарно оружје, а да не зборуваме за изобилство во снабдување со евтини извори на енергија. И покрај заканата од секундарни санкции, трговијата меѓу двете земји порасна минатата година. А неодамнешните податоци од јавноста упатуваат дека Кина исто така соработува со Русија и во ИТ-секторот, на пример за производство на микрочипови, кои се дефицитарни на пазарот.
Пекинг ќе го спречи нуклеарното сценарио за Украина
Москва и Пекинг, според повеќето геостратегиски аналитичари, ќе продолжат меѓусебно да се поддржуваат, бидејќи основните интереси им се совпаѓаат, без оглед на верувањето на некои западни аналитичари дека Кина се дистанцира од Русија во последниве месеци.
На пример, на самитот на Г20 во ноември минатата година, Си се согласи со американскиот претседател Џо Бајден дека „нуклеарна војна никогаш не треба да се води и никогаш не може да се добие“. Многу коментатори потоа дојдоа до заклучок дека Кина „се приклучи во осудата на нуклеарните закани“. Но позицијата на претседателот на Кина, Си Џинпинг, е конзистентна со долгогодишната нуклеарна доктрина на Кина.
Си мудро и далековидо го искористи ова тактички за да ги смири западните политичари и западната публика, кои повеќе „ја проектираат сопствената желба да ја видат Кина како актер што се одвраќа од Русија“.
Од друга страна, Москва многу добро ја разбира позицијата на Пекинг за нуклеарните закани – и знае дека тоа нема да се претвори во влошување на билатералните односи. На почетокот на 2022 година, Кина, Русија и три други земји со нуклеарно оружје потпишаа заедничка изјава за спречување нуклеарна војна и избегнување трки во вооружување.
Но, во секој случај, најбитно од сѐ е дека кинеското раководство, според низа аналитичари, „ќе направи сѐ за да го спречи нуклеарното сценарио“.