Српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека нема да оди на самитот на блокот БРИКС, што ќе се одржува од 22 до 24 октомври во рускиот град Казан. Место него, Србија на Самитот ќе ја претставува министерска делегација која ќе ја предводи вицепремиерот Александар Вулин, објавија српските медиуми.
Вучиќ појасни дека не може да оди на Самиот поради обемната агенда со меѓународни средби.
-Кога добив покана во август, им реков дека договарам средба со полскиот премиер Доналд Туск и тој доаѓа. Имам и трилатерална средба со Виктор Орбан и Роберт Фицо, а потоа и со Мицотакис и Урсула фон дер Лајен. Го почитувам Путин и му реков дури и доколку ги немав овие средби, би ми било тешко да дојдам. Путин цени многу што Србија не пристапи на ниедна декларација против Русија – појасни Вучиќ.
На 16. самит на БРИКС, кој се смета за противтежа на западот, за првпат ќе учествуваат и новите членки – Египет, Иран, Обединети Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Етиопија, кои им се придружија на Бразил, Индија, Кина, Русија и Јужна Африка.