Општина Мариупол соопшти дека градот денеска бил погоден од две „супермоќни бомби“, но не наведе дали има жртви.
– Окупаторите не ги интересира градот … сакаат да го срамнат со земја – се наведува во соопштението на градската управа.
Жителите кои заминаа од Мариупол за невладината организација „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch) изјавија дека „улиците во градот се затрупани со трупови и остатоци од уништени згради, а илјадници луѓе се отсечени од светот, скриени во подруми без вода, храна, електрична енергија и комуникации“.
– Руските сили денеска ги бомбардираа и населбите околу главниот град на Украина и борби се водат во Ирпин и Хостомељ, на приодите кон Киев – изјави гувернерот на тој регион Олександр Пављук.
Претходно на Твитер се појавија видео на кои наводно се снимени воздушните напади врз источниот украински град Краматорск.
Исто така е објавено видео на кое наводно се гледа како руските сили користеле забранета фосфорна муниција.