Украинско-руската криза и нејзините импликации се претворија и во игра на нерви, а настаните се менуваат како на филмска лента. Овој конфликт има подолга генеза, но, според нашите аналитичари и професори со кои се консултиравме, тоа е повеќе конфликт меѓу НАТО и Руската Федерација. Соговорниците во обид да го релаксираат разговорот за тензичната тема, дури велат дека „Јенс Столтенберг веројатно треба да му се заблагодари на Владимир Путин што ја разбуди Алијансата, која беше под влијание на ковид-кризата“. Но она што треба да се истакне е фактот дека сѐ повеќе постои сеопшт интерес оваа безбедносно-воена криза да се пренесе на зелената маса за преговори и да се реши мирољубиво…
Украинската криза сѐ повеќе ја загрижува меѓународната јавност
Затегнатоста на состојбата околу украинските граници со право ја загрижува меѓународната јавност, па сите медиуми од минута на минута го следат развојот на настаните, а изјавите на кој било од политичарите на едната или другата страна се толкуваат со должно внимание, со надеж дека ќе надвладее разумот и дека, наместо оружјето, ќе прозбори дипломатијата и на мирен начин ќе се дојде до толку посакуваната разврска без никакви последици по граѓаните од едната или другата страна.
Киев може да се откаже од аспирацијата за влез во НАТО за да „избегне војна“?!
По неуспешниот телефонски разговор на американскиот претседател Бајден со рускиот колега Путин, тензиите во Европа остануваат на високо ниво. Овој разговор од Пентагон беше оценет како мрачен, што дополнително ја зголеми нервозата во Украина, која побара итен состанок со Русија и членките на ОБСЕ во наредните 48 часа, затоа што Русија ги игнорира официјалните барања да објасни зошто на пограничната линија со Украина натрупа 100.000 војници.
Наместо одговор кон таквиот предлог, од Москва дојде изјава што фрла ново светло на целата ситуација. Имено, со големо олеснување беше примена изјавата на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, како одговор на изнесениот став од страна на украинскиот амбасадор во Велика Британија, Вадим Пристајко.
Официјалното повлекување на Украина од членството во НАТО ќе помогне да се формулира значаен одговор на загриженоста на Русија за безбедносните гаранции. Тоа би бил чекор што значително ќе придонесе за формулирање позначаен одговор на руската загриженост – рече Песков за новинарите.
Портпаролот на Кремљ ја даде изјавата набргу по признанието на украинскиот амбасадор Пристајко дека Киев може да се откаже од аспирацијата за влез во НАТО за да „избегне војна“. Подоцна, украинското министерство за надворешни работи соопшти дека овие зборови се „извадени од контекст“.
Киев и западните земји неодамна изразија загриженост поради наводното зголемување на руските „агресивни дејства“ во близината на границите на Украина. Русија постојано ги негираше обвинувањата на Западот и Украина за „агресивни дејства“, наведувајќи дека никому не му се заканува и нема намера никого да нападне, а изјавите за „руска агресија“ се користат како изговор за распоредување што повеќе воена опрема на НАТО. Како што изјави претходно шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, Русија не создава никакви причини за конфликтна ситуација околу Украина. Според него, Русија не ја исклучува можноста хистеријата околу Украина, која ја подгрева Западот, да има цел да го покрие фактот дека Киев ги саботира договорите од Минск за Донбас.
Од друга страна, се огласија министрите за финансии од Групата седум најразвиени економии на Западот (Г7), кои ја предупредија Русија дека ќе се соочи со огромни економски последици доколку одлучи да ја нападне Украина. Во исто време, министрите ветија брза и одлучна поддршка за украинската економија.
Континуираното акумулирање на руската армија на границата со Украина е причина за сериозна загриженост. Ние, министрите за финансии на Г7, ја нагласуваме нашата подготвеност да дејствуваме брзо и решително, за да ја поддржиме украинската економија – се вели во заедничката изјава.
Во изјавата се додава дека секоја понатамошна воена агресија на Русија против Украина ќе наиде на брз, координиран и силен одговор.
Паралелно со ова, се одвива интензивна дипломатска активност. Германскиот канцелар Олаф Шолц отпатува во Киев пред неговата посета на Москва, во обид да ја ублажи, како што се наведува, „многу критичната“ закана од руска инвазија, која може да ја предизвика најтешката криза по Студената војна. Шолц се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а денеска, како дел од дипломатските напори за деескалација на кризата преку дијалог, ќе разговара за Украина со рускиот претседател Владимир Путин.
Програмата за патување на Шолц е во обратен редослед од онаа што ја направи минатата недела францускиот претседател Емануел Макрон во неговиот обид да ги замолчи воените барабани што одекнуваат.
Целта на патувањето е да се најде начин да се обезбеди мир во Европа – им изјави Шолц на новинарите пред патувањето, додавајќи дека акумулацијата на трупи на Русија по должината на границата со Украина претставува многу, многу сериозна закана.
Володимир Зеленски изрази сомнеж за точноста на американските разузнавачки информации дека „в среда стартува руската агресија“
Разузнавачките податоци на кои се повикуваат западните сојузници покажуваат дека војниците на Владимир Путин можат да ја преминат границата „во секое време“, најверојатно в среда. Пентагон добил извештај од американското разузнавање со детален план за рускиот напад. Москва оваа среда најпрво ќе започне со ракетни, сајбер и бомбашки напади, по што ќе следува целосна копнена инвазија, се вели во извештајот, пренесуваат медиумите.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се обиде да ја смири топката, изразувајќи сомнеж за постоењето и точноста на американските податоци.
– Доколку вие или некој друг има дополнителни информации за 100 проценти сигурна руска инвазија на 16 февруари, ве молиме да ни ги пренесете тие информации – се обрати јавно Зеленски, изразувајќи незадоволство од постојаните процени за војна и рече дека таквите предупредувања имале негативен ефект врз економијата и националната валута.
Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, не можеше да ги потврди извештаите дека американските разузнавачи укажуваат дека Русија планира инвазија оваа среда.
Додека Западот тврди дека Русија е на чекор да ја нападне Украина и лицитира со датуми, Москва инсистира дека не е планирана инвазија на нејзиниот сосед, но вели дека може да преземе неопределено воено-технички дејства доколку не бидат исполнети нејзините безбедносни барања, вклучувајќи, меѓу другото, и Украина никогаш да не ја прифати поканата за членство во НАТО, а Алијансата да ги повлече своите сили од Источна Европа.
Професор Ѓуровски: На прашањето дали ќе има војна меѓу НАТО и Русија, одговорот е – не!
Актуелноста на темата наложи да го слушнеме гласот и на домашната стручна јавност. Разговаравме со професорот на Факултетот за безбедност на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, проф. д-р Марјан Ѓуровски.
Украинско-руската криза и нејзините импликации како да се преселија во пропагандна игра и случувањата како да се менуваат на филмска лента. Овој конфликт меѓу Украина и Русија има подолга генеза, но тоа е повеќе конфликт меѓу НАТО и Руската Федерација. Јенс Столтенберг веројатно треба да му се заблагодари на Владимир Путин што ја разбуди Алијансата, која беше под влијание на ковид-кризата. За решавање на ситуацијата, ставовите меѓу членките се различни, но сите се согласуваат со независноста и интегритетот на Украина како засебна држава. Она што треба да се истакне е фактот дека постои интерес оваа безбедносно-воена криза да се пренесе на зелената маса за преговори – објаснува професор Ѓуровски.
Нашиот соговорник е дециден околу најважното прашање што се наметнува во моментов.
На прашањето дали ќе има војна меѓу НАТО и Русија, одговорот е – не. Но не е исклучено, поради големиот број руски војници натрупани на границата, да има мали изолирани конфликти. Прашање е дали оваа криза ќе се префрли на полето на економијата, имајќи го предвид гасот со кој располага Русија. Верувам дека македонски војници, како дел од НАТО, нема да се бара да учествуваат во какви било активности во Украина, но е можно да бидат распоредени на територијата на други земји-членки на НАТО, како што е Полска – додава професорот.
Според него, односите меѓу НАТО и Русија не биле на пониско ниво на комуникација и толку лоши од Студената војна досега. Особено по протерувањето минатата година на осум руски дипломати.
– Оправдани се дилемата и стравот дали ќе видиме војна што досега не сме ја виделе од Втората светска војна наваму. Не може сега да се исклучи операцијата на „лажно знаме“ од Русија, која се однесува агресивно затоа што трупа војници на северната, јужната и источната граница кон Украина, уфрлува агенти внатре на територијата на Украина. Тоа ги натера Вашингтон, Лондон, Париз, Берлин и Брисел да седнат на маса со Москва. Но ударот кон официјална Москва ќе биде преку економијата. Економијата е Ахиловата петица на Русија, имајќи предвид дека вкупниот БДП на Русија е на ниво на Бразил и Јужна Кореја, а помал од САД, Кина, Индија, Јапонија, Канада, Италија. Треба да се истакне дека Русија и ЕУ меѓусебно во економијата се зависни, затоа има одредена воздржаност. Треба да се има предвид и дека две третини увоз во Русија доаѓа од ЕУ и две третини извоз од Русија кон ЕУ, наедно 26 проценти нафта ЕУ снабдува од Русија и 40 проценти гас ЕУ снабдува од Русија. Затоа се внимателни од ЕУ и кон воведувањето економски санкции кон Русија, но тие ќе бидат првиот потег што ќе го преземат западните држави. Отворен судир со економски последици никому не му оди во прилог, но тој ќе биде неминовна последица на ова што се случува денес – заклучува проф. д-р Марјан Ѓуровски.