Армиски маневри на Белорусија, во близината на коридорот Сувалки
Конечно завршија воените вежби на припадниците на белоруската армија во регионите што граничат со Украина и Европската Унија и со членките на НАТО Литванија и Полска. За среќа, само со медиумски тензии и препукувања на воените експерти.
Имено, да потсетиме, воените вежби се одржаа во регионите Гомел и Гродно, траеја три дена, а целта беше да се обучат офицери и единици на територијална одбрана како да ја бранат сопствената територија.
Белоруското министерство за одбрана официјално соопшти дека вежбите се одржаа „како дел од проверката на борбената готовност на составот и воените единици на вооружените сили на Република Белорусија“. Воените вежби се изведуваа под надзор на началникот на ракетните трупи и артилерија на вооружените сили.
Регионот Гомел се наоѓа на југоисточниот дел на Белорусија, граничи со Украина, а најблискиот украински град е Чернихив. Регионот Гродно, пак, се наоѓа на северозапад од Белорусија, каде што се граничи со Литванија и Полска. Во центарот на контроверзии и шпекулации е таканаречениот коридор Сувалки во близината на регионот Гродно.
Коридорот Сувалки минува меѓу две земји од ЕУ и НАТО што граничат со Белорусија и руската ексклава Калининград на Балтичко Море. Тоа е ретко населена област на полска и литванска територија, која е од стратегиско значење бидејќи нејзиното преземање од Русија или Белорусија би ги изолирало балтичките земји од остатокот на НАТО.
Минатата недела балтичките земји членки на ЕУ и НАТО протестираа против изјавите на белорускиот лидер Александар Лукашенко. Според публикуваните автентични снимки и разговори на белорускиот претседател, медиумите наведуваат дека тој зборувал за „можен напад врз соседните земји“. На видеото споделено на „Телеграм“, повеќе западни медиуми коментираат дека „се гледа како Лукашенко зборува за тоа како белоруската армија е подготвена да нападне делови од Полска или Литванија за да создаде копнен мост до руската ексклава Калининград“. Коментарите на воените експерти во медиумите вклучуваат и реакции за тоа дека „Лукашенко навестуваа неодржливост на коридорот Сувалки и вклучуваа инструкции за организирање можна конфронтација на белоруската армија со балтичките држави и Полска“.
За потсетување, и во август минатата година Белорусија организираше воени вежби во пограничните области.