Полскиот претседател за денеска свика седница на Советот за национална безбедност

Полскиот претседател Анджеј Дуда за денеска свика седница на Советот за национална безбедност во Варшава. На седницата на полскиот Совет за безбедност ќе присуствуваат претседателите на Горниот и на Долниот дом на парламентот (Сејм), премиерот, шефовите на министерствата за надворешни работи, внатрешни работи, одбрана, министерот за координација на специјалните служби, лидери на парламентарни партии, претставник од кабинетот на претседателот и шефот на Канцеларијата за национална безбедност.

Претседателот на Полска, Анджеј Дуда, ќе информира за насоките од Бајден

Канцеларијата за национална безбедност на Полска во јавноста излезе со соопштение дека темата на седницата ќе биде ситуацијата околу Украина во контекст на консултациите меѓу претседателите на Полска и на Соединетите Американски Држави, како и за вонредниот самит на Букурешт девет (Бугарија, Унгарија, Латвија, Литванија, Полска, Романија, Словачка, Чешка и Естонија).
Очигледно е дека седницата е поврзана со неодамнешната посета на американскиот претседател Џо Бајден на Варшава.
Експертите се во дилема дали Полска, поради нејзината екстремно остра реторика кон Русија и своите потези на сесрдна политичка, дипломатска и воена поддршка за Украина (Полска сега ја сметаат за сечило на НАТО) – ќе одлучи да оди и чекор понатаму?! Имено, воено-политичките експерти се „расправаат“ за прашањето дали Полска ќе ризикува да преземе независни ризични потези по прашањето за Украина, сметајќи на помошта и ангажманот на НАТО во согласност со неговиот фамозен член 5 за воен напад врз една членка…

Полска, сепак, би требало да биде претпазлива

Експертите сметаат дека иако сега Полска „билда воена мускулатура“, таа по природа е претпазлива и склона кон опортунизам. Во тој контекст се споменува случајот на Турција од кој сите НАТО-членки извлекоа заклучок. Имено и Варшава многу добро се сеќава и на случката со соборувањето на рускиот бомбардер „су-25“ во близината на турската граница со Сирија на крајот на ноември 2015 година – кога турскиот лидер прими јасна порака од седиштето на НАТО дека „Алијансата нема да иницира трета светска војна со Русија поради нејзините независни и ризични потези“! Веднаш по инцидентот, турскиот лидер се обрати до НАТО за помош во случај на руски воен контраодговор. Меѓутоа, јасно е дека НАТО не дозволува ваква независна политика, а потоа и криење под заедничкиот одбранбен чадор и во тоа е сосема во право. Во спротивно, сѐ ќе беше готово одамна. Според експертите, токму од овој пример, адекватен заклучок ќе извлече и Полска.
Деновиве, во своите изјави американскиот претседател Бајден повторно му стави до знаење на целиот Запад кој е „газда“ и кој раководи со процесите и дека нема „скокање“ од договорените концепции што Вашингтон ги управува и дизајнира – има и не може да има.