Американскиот државен секретар Марко Рубио и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изразија неизвесност околу шансите за постигнување мировен договор за ставање крај на војната во Украина, еден ден откако Вашингтон и Киев потпишаа договор со кој на САД им се дава пристап до минералните ресурси на Украина.
-Мислам дека знаеме каде е Украина и знаеме каде е Русија во моментов… Тие се поблиску, но се уште се далеку – рече Рубио на Фокс њуз.
Венс, зборувајќи во одвоено интервју за мрежата, отиде подалеку, велејќи дека војната во Украина нема да заврши „во скоро време“.
Рубио рече дека ако наскоро не дојде до вистински пробив во војната во Украина, американскиот претседател Доналд Трамп ќе мора да одлучи уште колку време да посвети на преговарачкиот процес, рече тој.
Соединетите Американски Држави веќе предупредија дека преговорите дојдоа до „критична“ фаза, а недостатокот на напредок може да значи дека ќе ги напушти напорите да посредува за крај на конфликтот.
Рубио минатата недела рече дека иако е постигнат „вистински напредок“ во разговорите за ставање крај на руската инвазија на Украина во целосен обем, „оние последни неколку чекори од ова патување секогаш ќе бидат најтешките, и тоа треба да се случи наскоро“.
Трамп, кој го започна својот втор претседателски мандат во јануари, најави дека еден од главните приоритети му е завршувањето на војната војната во Украина. Тој повика на итен и целосен прекин на огнот и побара Русија да престане со неселективните напади врз украинските градови.
Венс рече дека е „оптимист“ за обезбедување на прекин на борбите, но на крајот ќе зависи од Киев и Москва.
-Тие се оние кои треба да го направат последниот чекор – рече тој.
-Ќе зависи од Русите и Украинците сега кога секоја страна знае кои се условите за мир на другата.