Со почетокот на руската воена пенетрација во Украина, Варшава започна амбициозна програма практично да ја трансформира полската армија во најмоќната армија на НАТО, по армијата на САД. Значителен акцент се става на зајакнувањето на копнената армија, која, според полските стратези, мора да биде способна да го одбие нападот на масовните руски сили
Амбицијата на Полска за трансформација на своите вооружени сили
Полска планира да ја изгради најмоќната копнена армија во Европа во следната деценија. Паралелно со тоа, воздухопловните сили имаат намера да ја подигнат одбраната на сосема ново ниво со вклучување на американските борбени авиони „Ф-35“ во својот арсенал. Генерално, според плановите на Варшава, полските вооружени сили треба да бидат меѓу најмоќните на европскиот континент.
Полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак на крајот на јули објави дека, благодарение на зголемените владини инвестиции во одбраната, Полска наскоро ќе ги има најмоќните копнени сили на европскиот континент. За таа цел, според изјавата на полскиот министер за одбрана, Полска го подигна одбранбениот буџет на три отсто од БДП, едно од највисоките нивоа во НАТО, а во скора иднина има намера да го зголеми на двојно повеќе.
Сојузничката помош никогаш не е одлучувачки фактор во војните, туку сопствената војска и успеси
Полска континуирано ги зголемува своите воени трошоци во последните децении и веќе нејзините вооружени сили се меѓу најспособните во рамките на НАТО, со голем број модерни тенкови, оклопни борбени возила и борбени авиони. Но од почетокот на руската специјална воена операција во Украина, Варшава започна амбициозна програма практично да ја трансформира полската армија во најмоќната армија на НАТО, по САД. Истовремено, значителен акцент се става на зајакнувањето на копнената армија, која, според полските стратези, мора да биде способна да го одбие нападот на масивни руски сили на отворените простори на историски познатиот „коридор на војните“, подоцна исто така наречен „коридор на тенкови“ или „автопат на тенкови“, во секоја стратегиска и оперативна ситуација.
Полска е свесна дека во случај на потреба никој нема да војува за неа ако самата не ги издржи првите удари и не ја одбрани својата територија. Сојузничката помош е секогаш споредна во војните, никогаш не е одлучувачки фактор и не може да функционира доколку не дојде до силен воен одговор од нападнатата страна. Полските стратези им веруваат на своите сојузници, пред сè на нивниот стратегиски сојузник САД, но од историско искуство знаат дека мора да спречат можна војна на нивна територија, а доколку се случи, ефикасно да се бранат.
Веднаш по руската инвазија на Украина во март, Полска донесе нов закон за одбрана на татковината, кој предвидува удвојување на нејзините вооружени сили на околу 300.000 члена. Во мај започна нова форма на доброволно служење воен рок со паричен надоместок, со цел да се мотивира приклучувањето кон вооружените сили и да се создадат предуслови за зголемување на бројот на војниците, пред сѐ во копнените сили. Законот за домашна одбрана го зголеми буџетот за одбрана на три отсто од БДП, ставајќи ја Полска во НАТО веднаш зад Грција, која издвојува 3,82 отсто од БДП и САД, кои издвојуваат 3,52 отсто од БДП.
Вкупните трошоци за одбрана многу брзо ќе достигнат пет отсто од полскиот БДП
Претседателот на владејачката партија, Јарослав Качински, на крајот на јули најави дека вкупните трошоци за одбрана многу брзо ќе достигнат пет отсто од БДП и во тој случај Полска ќе биде рекордер во рамките на НАТО. Полска во моментов има 114.000 припадници на армијата, а стандардната цел е 300.000. За споредба, Турција има 355.200 војници, Франција 203.250, Германија 183.500, Италија 165.500, Велика Британија 148.500, Грција 142.700, Шпанија 122.850, Романија 68.500 и Бугарија 36.900. Тие први 10 земји на НАТО имаат вкупно 1,9 милион војници.
Планот на Варшава е, благодарение на новите големи инвестиции во полската армија, не само квантитативно да ги зголеми вооружените сили туку и да ги модернизира со замена на старото советско оружје и опрема, како и оние за Студената војна произведени во Полска, со модерни системи и опрема за оружје од западно потекло.
Полска досега ѝ подари на Украина повеќе од 250 свои тенкови „Т-72“ од советско потекло, како и голем број тенкови „ПТ-91 тварди“ од сопствено производство, кои се полска модификација на тенкот „Т-72“. Испораката на ова оружје во Украина се вклопува во процесот на повторно вооружување на полските вооружени сили. Полска е вториот најголем донатор на оружје и воена опрема за Украина, веднаш по САД. Полскиот претседател Анджеј Дуда уште во јуни го изрази своето верување дека полските сојузници ќе помогнат да се пополнат пропустите во полскиот арсенал. Притоа тој ја обвини Германија дека не се држи до претходните договори и дека го прекршила своето ветување дека ќе ги замени тенковите што Полска ѝ ги подари на Украина со германски тенкови „леопард“. Берлин, пак, тврди дека до недоразбирањето дошло затоа што Полска поставила нереални барања за најновата верзија на тенкот „леопард 2“, кој штотуку се воведува во вооружувањето на германската армија.
Премиерот Матеуш Моравјецки, исто така, предупреди дека Европската комисија се согласила да надомести голем дел од полските трошоци поврзани со испораката на оружје во Украина и дека Варшава очекува да го исполни своето ветување.
Во меѓувреме, полскиот министер за одбрана за посетата на САД со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин договори толку многу договори за набавка на оружје и воена опрема од САД, што американскиот министер за одбрана изјави дека американската помош ќе овозможи „Полската армија да стане една од најспособните во Европа“. Полска склучи договор со САД за испорака на 32 американски борбени авиони „Ф-35 лајтнинг 2“ и преговара за надградба на 48 борбени авиони „Ф16“ што ги има на нивото на „глок 72“. Полска исто така бара начин да ги прошири постојните флоти од борбени авиони „Ф-16“, но проблемот е што САД во моментов не можат да ја исполнат побарувачката за „Ф-16“ бидејќи го забавија нивното повлекување од сопствениот арсенал. Данска, на пример, исто така го одложи намалувањето на бројот на авиони „Ф-16“ во својот арсенал, а Норвешка ќе им ги предаде своите „Ф-16“ на романските воздухопловни сили кога ќе ги добие борбените авиони „Ф-35“ нарачани од САД. Поради тоа, Полска тешко ќе го зголеми бројот на достапни борбени авиони „Ф-16“ во својот арсенал, но затоа нарача 48 борбени авиони „Ф-50“ од Јужна Кореја. Полска се договори со САД да испорача 250 модернизирани тенкови „M1A2 абрамс (СЕПв3)“, во вредност од 1,15 милијарда долари. Договорена е и продажба на противвоздушни ракетни системи „патриот“, ракетни фрлачи ХИМАРС и беспилотни летала.
Во согласност со планот за квантитативно зајакнување и модернизација, Полска склучи договор со Јужна Кореја, односно со „Хјундаи ротем ко.“ и „Ханва корп.“, од 5,76 милијарди долари за купување тенкови „K2-блек пантер“ и самоодни хаубици „К9“, со планирано лиценцирано производство во Полска. Во првиот круг, јужнокорејските компании ќе ги испорачаат првите 180 тенка и 48 хаубици во Полска веќе оваа година. Во втората фаза, до 2026 година, е планирана испорака на повеќе од 800 тенка и 600 хаубици, дел од корејско, а дел од полско лиценцирано производство.
Побогата држава – посилна војска
Несомнено е дека растечката полска економија и геополитичката положба во која се наоѓа Полска ќе влијаат на реализацијата на усвоените планови за модернизација и квантитативно зајакнување на полските вооружени сили. Во исто време, како и досега, стратегиски партнер на Варшава за опремување на полската армија ќе ѝ бидат САД, додека европските производители ќе бидат во втор план. Тоа, секако, предизвикува незадоволство во Брисел и во Берлин, но се работи за реализација на самата суштина на полската одбранбена доктрина, според која, САД ѝ се стратегиски сојузник на Полска и затоа имаат предност во склучувањето на одбранбените договори со Полска. Планираната трансформација на полската армија во една од најмоќните во Европа е исто така одраз на растечката полска геополитичка моќ и влијание.