Фото: Игор Бансколиев

Неизвесноста за намалувањето на цените произлегува од малиот број фирми што се пријавиле за користење поевтина струја. Досега тоа го направиле 233 од планираните 1.000 компании од прехранбениот сектор. Од Министерството за економија бараат доследно почитување на оваа владина одлука и најавија засилени инспекции, а пазарните инспектори ќе вршат контроли на цените на храната

ГРАЃАНИТЕ ВО ИСЧЕКУВАЊЕ ШТО ЌЕ ДОНЕСЕ 1 ДЕКЕМВРИ

Фирмите што уредно аплицирале за поевтина струја не добиле повратен одговор од државните електроцентрали за да склучат договор со ЕСМ за испорака на субвенционирана струја од 80 евра за мегават-час, предупредија од здруженијата на компаниите од пекарската индустрија и млекопроизводството. Непотпишувањето на договорите би значело и одложување на поевтинувањето на основните прехранбени продукти, кое беше најавено од почетокот на декември. Неизвесноста за намалувањето на цените произлегува од малиот број на фирми што се пријавиле за користење поевтина струја. Досега тоа го направиле 233 од планираните 1.000 компании од прехранбениот сектор. Еден од поголемите производители на масло за јадење од земјата не ни конкурирал за поевтината струја бидејќи има инсталирано фотонапонски централи. Како што изјавија од фабриката „Брилијант“ во Штип, веќе била намалена цената на маслото за јадење за 40 денари, со објаснување дека цената на овој производ најмногу зависи од вредноста на суровината.
Владини претставници во повеќе наврати истакнуваа дека очекуваат цените на лебот, млекото, месото и сувомесните производи, маслото за јадење да поевтинат за околу 10 отсто во декември. Од Министерството за економија бараат доследно почитување на оваа владина одлука и најавија засилени инспекции, а пазарните инспектори ќе вршат контроли на цените на храната. Во согласност со Законот за трговија ќе се носат мерки за замрзнување на цените, како и одредување маржи.
– Нема никаков проблем, ниту пак застој во процесот со кој дел од бизнисот треба да добие поевтина струја од 80 евра за мегават-час – изјави премиерот Димитар Ковачевски, на забелешките изнесени од компаниите што се дел од производството на основните прехранбени производи.
Претседателот на здружението на мелничко-пекарската индустрија на Стопанската комора, Горан Малишиќ, вели дека 99 отсто од големите компании што и самите бараа да добијат субвенционирана струја веќе поднеле документи, но не знае дали ги исполниле условите што ги пропишала Владата.

– Повеќе од 600 компании поднеле документи, но колку од нив ги исполниле условите и ги поднеле потребните документи не можам да кажам. За оваа мерка не можат да аплицираат компаниите што имаат инсталирано фотоволтаици, а има и некои други критериуми, кои можеби влијаеле на тоа фирмите да се повлечат од аплицирање. Некои компании не можеле да ги пополнат документите во рокот, но мислам дека сите се заинтересирани за оваа мерка – вели Малишиќ.
Во однос на намалувањето на цената на производите, од 1 декември, Малишиќ вели дека првите намалувања можеби ќе ги има во втората половина на месецот.
– Компаниите треба да ги направат пресметките колкаво е учеството на струјата во цената на производот и според процентот на учеството да ги намалат цените. Некаде намалувањето ќе биде 5, некаде 10 отсто, но можно е да има и намалување од 3 отсто. Сето тоа ќе зависи и од влезните цени на репроматеријалите, кои имаа свој удел во зголемувањето на цените. Едноставно кажано, ако цената на репроматеријалите расте може и да нема намалување на цената на производите – објаснува тој.
Министерот за економија Крешник Бектеши верува дека преземените мерки за скротување на инфлацијата во земјата ќе ги дадат посакуваните ефекти за граѓаните, преку намалување на цените на храната. Тој ги предупреди компаниите од преработувачката индустрија на храна за засилување на инспекциските контроли за да нема злоупотреби и тврди дека увозот на струја периодов бил поевтина опција од домашното производство.

– Нема да има драстично зголемување на цената на струјата од 1 јануари, можни се и поместувања во надолна линија. Сѐ зависи од тоа што ќе утврди Регулаторната комисија откако ќе се направат соодветните анализи и проекции и, адекватно на тоа, ако е потребно ќе биде донесена соодветна одлука од страна на Владата. Во согласност со нашите проекции и разговорите што ќе ги имаме во Економскиот совет, можам да кажам дека кризата нема да биде на товар на граѓаните, на домаќинствата и на малите потрошувачи. Што и да се случи со производството на ЕСМ, што и да се случи во енергетскиот систем, граѓаните никогаш нема да плаќаат повеќе од она што моментално плаќаат. Јас ги имам пресметките колку би можела да изнесува таа и тврдам дека зголемувањето нема да биде на товар на граѓаните – вели Бектеши.
Стапката на инфлација бележи поинтензивен раст во Македонија, отсликувајќи ги повисоките цени на примарните производи, но и нарушувањата во глобалните синџири на снабдување. Како што објаснува министерот за економија, ценовниот раст во Македонија главно произлегува од фактори на страната на понудата, односно од порастот на цените на храната и енергијата, како резултат на подолготрајниот и посилен раст на увозните цени поради војната во Украина и санкциите воведени кон Русија, со што дополнително се влошиja глобалните синџири на снабдување и пазарот на енергија. М.Ј.