Бројот на украински граѓани кои бегаат од војната денеска надмина два милиони, на 12-тиот ден од почетокот на воениот конфлик, покажуваат последните податоци на Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР).
УНХЦР, денеска на пладне на својата веб страница има регистрирано точно 2.011.312 бегалци, што е за 276 илјади повеќе, споредно со вчерашниот извештај.
Високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди, изјави дека денеска или утре се очекува да биде надминат бројот од два милиони украински бегалци.
УНХЦР очекува дека приливот на бегалци ќе се зголеми, особено ако навистина се отворат хуманитарни коридори кои треба да дозволат излез на цивилите од опколените поголеми градови.
По неколку неуспешни обиди, Русија вети дека денеска ќе отвори хуманитарни коридори, со цел да овозможи илјадници цивили да побегнат од неколку украински градови.
Гранди, рече дека ова е „егзодус“ што е најбрз во Европа од Втората светска војна.
Високиот комесар на ОН за бегалци ја заврши посетата на Романија, Молдавија и Полска, три земји кои се граничат со Украина, а кои прифатија најголем број бегалци. Гранди, го поздрави нивното „исклучително“ прифаќање на бегалците.
Според Гранди, четири милиони луѓе би можело да ја напуштат земјата, бегајќи од војната.
Полска прифати над половина од вкупниот број на бегалци, вкупно 1.204.403 лица, според УНХЦР.
Гранди, потсети дека и „војните на Балканот, во БиХ и Косово“, исто така, предизвикаа голем број бегалци. „Околу два или три милиони, но во период од осум години“, додавајќи дека два милиони украински бегалци ја напушитиле земјата за многу помал период, од 24 февруари.