Управувањето со специјални возила опремени со радарски системи на земјите од НАТО и со вградени ракетни системи земја – воздух на нив, способни да следат 100 цели и да погодат 10 одеднаш, на растојание до 120 километри, е предмет на обучување на украинските воени сили, на островот Сардинија, во Италија

ИТАЛИЈА

Дваесет украински војници од почетокот на март годинава беа гости во касарната „Санта Барбара“ во Сабаудија, Сардинија, во седиштето на противвоздушната артилериска команда на италијанската армија, на обука за употреба на „сампт-Т“, ракетен систем земја – воздух, највредниот италијански придонес за украинските сили.

Станува збор за француско-италијански ракетен систем што Италија го поседува од 2013 година – ги има пет и секој чини 700 милиони евра – а Италија треба да ѝ испорача еден на Украина оваа пролет, како што беше одлучено во јануари годинава во парламентот. Заедно со тоа ќе бидат испратени и камиони опремени со радарски системи на земјите од НАТО способни да следат 100 цели и да погодат 10 одеднаш, на растојание до 120 километри.
Според експертите, станува збор за систем многу корисен во пресрет на ракетите на Руската Федерација, а во моментов украинските војници се обучуваат на симулатори под водство на италијански експерти, бидејќи на тоа место нема оперативна батерија.
Медиумите се информирани дека украинските војници не можат да ги напуштат структурите во кои се сместени, а контактите со италијанските експерти се само неопходни и сѐ е очигледно „строго доверливо“. Од италијанската одбрана објаснуваат дека одлуката за обука на украински војници, од кои 15.000 во Европа, е на дневен ред од 17 октомври 2022 година, донесена од Советот на Европа, со тоа што Унгарија на Виктор Орбан не гласала за одлуката.

На 2 декември 2022 година, министерот за одбрана Гвидо Крочета јавно изјави, а како одговор на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, дека западните земји обучуваат украински војници, дека „Италија не започнала никаква обука на украинските војници“, но дека европската група за обука планира можни циклуси на обука во иднина.
Со други зборови, иако нема официјална потврда за присуство на украински војници на Сардинија, се знае кога тие пристигнале на воениот аеродром „Пратика ди маре“, а потоа биле префрлени на Сардинија.

По посетата на Киев, премиерката Џорџа Мелони сè повеќе покажува безрезервна поддршка за Украина, иако нејзините сојузници Матео Салвини и Силвио Берлускони не се за вооружување на Украина, туку за дипломатски канали и преговори, и покрај истражувањето дека повеќе од половина од Италијанците се против испраќање оружје во Украина. А дел од опозицијата – Движењето пет ѕвезди, Зелените и Левицата – се апсолутно „против патот на оружјето“.

Подготвил: Mарјан Велевски