Возило со украински војници полека се движеше, внимавајќи на нагазни мини, додека напредуваше низ територијата од која руските сили се повлекоа неколку часа претходно, пишува „Њујорк тајмс“ известувајќи за моментната состојба на теренот во Херсон.
Украинската армија се движи внимателно во областите од кои заминаа руските трупи, долж линијата на фронтот во јужна Украина, еден ден откако рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу го објави повлекувањето на руските сили од западниот брег на реката Днепар.
Најголемиот град во областа, Херсон, има голема стратешка важност, бидејќи е клучен за контролирање на украинскиот брег на Црното Море, претставува битен логистички канал за руските сили, а беше и единствен регионален центар што Русија го зазема од почетокот на оружениот конфликт.
На одредени локации уште се водат тешки борби додека Украинците напредуваат на теренот. Но украинскиот пробив во Снихуривка, што не наиде на отпор, сугерира оти Русите навистина се повлекуваат. Украинските власти првично беа скептични, стравувајќи од измама во руската објава за повлекување.
Украинската војска соопшти дека напредувала околу 260 квадратни километри во изминатите 24 часа при што вратила 12 градови и села под нејзина контрола. Украинските војници се претпазливи за можноста за поставени мини и стапици.
Но, дури и со повлекувањето во регионот, останува можноста дека Русите ќе ги напуштат само руралните области за да се утврдат за одбрана на Херсон, пишува американскиот весник.
Воените аналитичари предупредуваат дека Русија би можела да возврати преку засилување на ракетните удари и бомбардирањата со дронови, со цел да ја деморализира Украина преку онеспособување на мрежата за снабдување на електрична енергија.
Стратегијата на Украинците, пак, се заснова на методично, повеќемесечно гранатирање зад руските линии на фронтот, целејќи ги мостовите што Русите ги користат за снабдување на трупите на западниот брег на Днепар.
Украинските воени власти посочуваат дека руското повлекување е добро организирано.
– Тие заминаа во конвои во рок од два до три дена. Користеа артилерија за да го прикријат повлекувањето до последен миг – вели претставникот на украинската армија Назар Витрикуш.