Фото: Принт-скрин

Украинските сили покренаа копнени напади во повеќе области долж фронтот во регионот Херсон, во јужна Украина, со што ја засилуваат контраофанзивата за враќање на територијата заземена од Русија, објавуваат светските медиуми. Украинските сили и руската армија водат интензивни борби во речиси целиот окупиран регион Херсон, соопшти денеска украинското претседателство, откако и во текот на ноќта одекнуваа силни експлозии во херсонската област.

Украинските власти со месеци најавуваа широка контраофанзива во регионот Херсон со намера да ги потиснат руските сили од западниот брег на реката Дњипро, што претставува природна граница. Останува нејасно дали вчерашните борби претставуваат почеток на поголема акција.

И украинската влада беше под притисок за почнување на воена операција во пресрет на есенските дождови што ќе го направат теренот непреминлив, како и пред можноста Русите дополнително да ги зацврстат и снабдат нивните позиции, но и поради стравувањето оти енергетската криза ќе ја подрие европската поддршка.

Се проценува дека вчерашните борби го забрзаа бавното движење на операциите на теренот. Но постојат бројни ризици додека украинските трупи поминуваат преку полиња и канали за наводнување долж северниот дел во Херсон. „Економист“ пишува дека Украина со недели ги целела руските позиции во регионот со ракети и артилерија, користејќи го американскиот ракетен систем „ХИМАРС“ за да уништува мостови што преминуваат преку реката Дњипро.

Украинскиот успех би значел поттик за моралот и би можел да ги убеди западните сојузници да продолжат да испраќаат оружје во Киев, додека неуспехот би можел да значи загуба на животи без остварена придобивка пред да се дојде до пат-позиција во текот на претстојната зима, како што наведува британскиот весник. Украинската влада уште од мај сигнализираше почеток на офанзивни воени акции во повеќе наврати, но не дојде до забележителна промена на состојбата на теренот.

Украинските власти сега тврдат дека ја пробиле првата линија на руска одбрана во близина на Херсон. Руското Министерство за одбрана, пак, ја потврди офанзивата во регионот, но во соопштението додаде дека „украинските единици претрпеле големи загуби“, како и дека „офанзивата пропаднала мизерно“. Засега нема потврда за овие тврдења од независни извори, ниту пак за големината на украинската офанзива.