Фото: ЕПА

Четврти самит на лидерите на земјите што се дел од Европската политичка заедница (ЕПЗ)

Самитот започна со пленарна седница, по што следуваа дискусии организирани на три тркалезни маси на три теми – миграциите, енергијата и поврзаноста, како и одбраната и обезбедувањето на демократијата. Македонскиот премиер Христијан Мицкоски учествуваше на тркалезната маса во делот на енергетиката и економијата од аспект на регионалното поврзување на балканските држави

Во замокот „Бленхајм“, во близината на британскиот град Вудсток во грофовијата Оксфорд, вчера се одржа четвртата средба на шефовите на држави или влади на членките на Европската политичка заедница.
Местото на самитот не е одбрано случајно, британската влада соопштува дека тоа е родното место на Винстон Черчил, кој за време на Втората светска војна „се спротивставил на агресијата на европско тло и беше инспирација за формирањето на Советот на Европа“.
– Ви благодарам што сте тука, родното место на Винстон Черчил. И ние се залагаме за вредностите што тој ги отелотворува низ целиот свет, слободата и демократијата – да, се разбира – но и пркосот и решителноста во нивна одбрана.

Денес, кога се собира нова бура над нашиот континент, ние избираме да се сретнеме со неа во истиот дух и избираме да се сретнеме заедно. И тоа е изборот на владата што ја предводам…Сакаме да работиме со сите вас за да ги ресетираме односите, повторно да го откриеме нашиот заеднички интерес. И обновете ги врските на доверба и пријателство, правото и структурата на европскиот живот – порача на отворањето на самитот на Европската политичка заедница, домаќинот, британскиот премиер Кир Стармер.

Учествуваа лидерите на 27-те членки на Европската Унија, потоа на преостанатите пет земји од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора, како и на четирите членки на Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА) – Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија. На самитот присуствуваа и претставници на трите држави од реонот на Јужниот Кавказ – Азербејџан, Ерменија и Грузија, како и Андора, Молдавија, Монако, Сан Марино, Турција и Украина.

На самитот присуствуваа и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, претставници на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), како и на претседавачката на опозицискиот „Обединет транзициски кабинет на Белорусија“, Свјатлана Циханускаја.

Самитот започна со пленарна седница, по што следуваа дискусии организирани на три тркалезни маси на три теми – миграциите, енергијата и поврзаноста, како и одбраната и обезбедувањето на демократијата.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски учествуваше на тркалезната маса во делот на енергетиката и економијата од аспект на регионалното поврзување на балканските држави.
– Тука сме да придонесеме активно во дискусиите што ќе ја обликуваат иднината на енергетските и економските политики во нашиот регион. Самитот обезбедува платформа за застапување за интересите на Македонија и за усогласување на стратегиите за одржлив развој и регионално поврзување – најави Мицкоски, кој на самитот на ЕПЗ е во придружба на вицепремиерот Изет Меџити и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Според македонскиот премиер, решавањето на предизвиците што претстојат, особено во енергетската инфраструктура и економската интеграција, останува клучен приоритет. Мицкоски ја подвлече важноста од искористување на регионалните врски за подобрување на стабилноста и растот на Балканот.

Тој вчера, во рамките на самитот, разговарал со неговиот колега од Хрватска, Андреј Пленковиќ, со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, како и со членот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, при што било потенцирано дека земјите од регионот имаат потреба од економска, енергетска и инфраструктурна поврзаност, за што клучно е градењето силна регионална соработка.
– Во рамките на самитот на Европската политичка заедница во Лондон имавме пријателски разговор со премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, и членот на претседателството на БиХ, д-р Денис Беќировиќ. Соработката на земјите од регионот е неопходна за просперитетот на државите и благосостојбата на нашите граѓани. Нашите народи имаат потреба од економска, енергетска и инфраструктурна поврзаност, а клучен предуслов за тоа е градењето силна регионална соработка.

Делиме слични вредности и предизвици како регион и тие нѐ обврзуваат на заедничка кооперативност и комуникација меѓу земјите од Балканот – напиша на својот фејсбук-профил премиерот Мицкоски.

Претходно Мицкоски се сретна со државниот секретар за надворешни и комонвелтски работи на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Дејвид Лами, со кого размениле мислења за актуелните политички теми во регионот и Европа и ја потврдиле потребата од поблиска и потесна соработка на земјите од Европа на полето на безбедносните и енергетските прашања. С.Т.


Што е Европската политичка заедница?

Европската политичка заедница (ЕПЗ) беше иницирана од францускиот претседател Емануел Макрон за време на претседавањето на Франција со ЕУ како платформа за поттикнување политички дијалог и соработка за решавање прашања од заеднички интерес и за зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент. Одлуката за основање на Европската политичка заедница (ЕПЗ) беше донесена на заседанието на Европскиот совет во јуни 2022. Целта на ЕПЗ е политичка координација и таа не претставува замена на ниту една постојна организација, структура или процес.

Со формирањето на Европската политичка заедница (ЕПЗ) кај земјите кандидати, според низа индикатори, се јавија сомневања дека тоа е всушност „активирање на европската втора лига“. Уште попрецизно, формирањето на ЕПЗ, според земјите кандидати за ЕУ, е „одговор на официјален Брисел на сѐ погласните барања од страна на дел од актуелните членки да се запре процесот на проширување додека Унијата внатрешно не се реформира“!

Низа реномирани аналитичари здраво ја аргументираа оваа теза (дека ЕПЗ е всушност „европска втора лига“), меѓутоа Брисел, Париз (како иницијатор на ЕПЗ) и Берлин не се обидоа посериозно да одговорат и да дадат противаргументи на тоа.

Во Европската политичка заедница влегоа и земји како Велика Британија, која по неколку години ја напушти ЕУ, но и други моќни држави, со што самиот формат доби на тежина.


Досегашни самити на Европската политичка заедница

Претходните три самити на Европската политичка заедница се одржаа во Прага на 6 октомври 2022 година, во Кишинев на 1 јуни 2023 и во шпанскиот град Гранада на 5 октомври 2023 година. На првиот самит во Прага, лидерите главно разговараа за прашања поврзани со мирот и безбедноста, особено за руско-украинскиот воен судир, како и за енергетската криза како последица на војната во Украина. На вториот самит во Кишинев главни теми на дискусија беа заедничките напори за мир и безбедност, зајакнувањето на енергетската отпорност и поврзувањето и мобилноста во Европа. На третиот самит на Европската политичка заедница во Гранада во 2023 во октомври, лидерите дебатираа за тоа како Европа да се направи поотпорна, попросперитетна и геостратегиски позначајна. Наредниот самит на Европската политичка заедница е предвидено да се одржи на 7 ноември годинава во Будимпешта.